„Изгубената ќерка“ – Џил Пол

1918 година: кога државата со која претходно владееја се врти против нив, иднината на семејството Романови виси на конец. Тогаш средната ќерка, Марија, го привлекува вниманието на двајца од стражарите и тоа води до еден многу тежок избор помеѓу правилното и погрешното.

Педесет и пет години подоцна: „Не сакав да ја убијам“. Со овие криптични зборови умира таткото на Вал, оставајќи ја да ја открие мистеријата која поврзува две семејства кои се имаат соочено со неопислива трагедија и можеби конечно да најде објаснување кое се чека многу одамна.


Кратката содржина е премногу кратка за да го долови целото дејствие во книгата, но можеби подобро е да почнете да ја читате без многу предзнаења, за да можете вистински да уживате во читањето, како што уживав и јас 🙂 Од таа причина, ќе се потрудам во оваа рецензија да откријам што е можно помалку од настаните.


Раскажувањето тече во две временски рамки и следи две приказни кои и временски, но и локациски се разликуваат. И очекувано – на крајот двете приказни се спојуваат во една, но начинот на кој се случува тоа јас не успеав да го предвидам. Постојано се обидував да сфатам која е нивната меѓусебна поврзаност, како што читав и добивав нови информации, така ги менував теориите, но конекцијата ја сфатив сосема при крајот кога впрочем тоа ни го открива авторката. Сепак, извесни настани успеав да ги предвидам, интуитивно, а можеби и посакував да се случат, па затоа ги имав во глава 🙂


Приказната е повеќеслојна и распослана врз временски период од повеќе од половина век, опфаќајќи значајни настани од историјата, така што од тој аспект е навистина богата и обемна. На крајот, во белешката од авторот, Џил Пол објаснува кои настани се вистинити, покрепени со длабоко и детално истражување. Во остатокот, иако се производ на нејзината имагинација, сепак настаните издржано можеме да ги сместиме на дадената локација во даденото време, повторно благодарение на темелното анализирање „на терен“ од страна на Џил Пол и нејзиниот тим. Во приказната вклучени се повеќе ликови чии животни судбини ги следиме низ призма на неколку тешки историски периоди – и од нив дел се измислени, но дел се реални. Главните ликови се навистина допадливи и верувам дека ќе разбудат емпатија кај секој читател. Настаните се тешки за читање, бидејќи опфаќаат мрачни историски периоди, но додека читате, невоможно е вниманието да ви побегне на друга страна, бидејќи приказната може навистина да ве вовлече во неа и да не ве пушти додека вие не ја пуштите книгата од раце. 

Ако сте љубители на историски книги, ви ја препорачувам.

Би можело да ти се допадне и ова...