“The Thread” – Victoria Hislop

Солун, 1917 година: Димитриј Комнинос се раѓа во време кога Солун како мултикултурен град каде живеат Христијани, Евреи и Муслимани, го зафаќа страшен пожар. Ова е првиот од многуте катастрофални настани кои ќе го променат овој град засекогаш, по што ќе следи војната која ќе го подели народот. Пет години подоцна, младата Катерина бега во Грција кога нејзиниот дом во Мала Азија е уништен од страна на турската војска. Губејќи ја мајка си во хаосот, таа се наоѓа на брод незнаејќи каде точно оди. Од тој ден, животите на Димитри и Катерина се испреплетуваат еден со друг, заедно со приказната за самиот град.

Солун, 2007: Едно младо момче кое има корени од Грција, за првпат ја слуша животната приказна на своите баби и дедовци и сфаќа дека позади нивното страдање заради протерувањето, стојат тајни кои тој ќе реши да ги открие.

Не е прв пат да читам книга со ваква тематика и обично секогаш премногу сум се соживувала со судбината на луѓето кои настрадале во војната и сум била многу благодарна што живеам во поинакво време. Меѓутоа во оваа книга ми недостасуваше таа жичка, како да не побуди емпатија кај мене. Можеби затоа што не беше ставен доволно голем акцент на тие делови од книгата, туку како само попатно да беа спомнувани. На моменти се запрашував што е всушност целта на писателкава, што конкретно сакала да биде во фокусот на оваа книга, бидејќи некако се беше расплинила со настани и ликови. На крајот сфатив дека можеби главниот лик сакала да биде токму Солун, како град кој преживува окупација, војна, а на крајот и земјотрес.

Инаку, ликовите ми се допаднаа, баш ми беа поделени како олицетворение на двете страни на паричката. Генерално и стилот не беше лош. Има книги кај кои веднаш забележувате колку претпазливо се напишани и колку секој збор е внимателно избран. Меѓутоа, некои делови од книгата како да беа напишани од сосема друг писател. Деловите каде е опишана војната, некако не ми се вклопуваа во приказната. Имав чувство дека читам исечоци од весници од тој период. Многу некако беа нафрлани податоците, како целта да била чисто информативно да дознаеме кој бил на власт, какви односи имале десница-левица меѓу себе, како биле малтретирани комунистите и слично.

Би можело да ти се допадне и ова...