„Крадци и проститутки“ – Рута Шепетис

14ти Јуни, 1941 година
Тие ме зедоа облечена само во ноќница. Тоа не беше тропање. Тоа беше страшно трескање кое ме натера да потскокнам. Тупаници удираа по нашата влезна врата. Внатре во куќата никој не мрдаше, никој не пушташе глас. Станав и ѕирнав во ходникот. Мајка ми стоеше залепена за ѕидот, нејзините очи затворени, а лицето згрчено од вознемиреност. Таа се молеше.
Советите нѐ натискаа во камион како стока: жени, деца, стари и изнемоштени, штотуку породени со бебиња. Воз полн со учени луѓе, професори, адвокати, уметници… рекоа сме биле криминалци обвинети за контрареволуционерни активности. Најпочитуваните и најдостоинствените луѓе од Литванија, Латвија и Естонија, а вагонот во кој се возевме беше обележан со табла „Крадци и проститутки“.
„Ќе те најдам“, ми рече Андриус. Најди ме, се молев секој ден. Најди ме побрзо.

Ова е втора книга од Рута Шепетис која ја читам и по втор пат ми го повлекува вниманието кон историски моменти за кои искрено ќе кажам дека не сум знаела многу претходно. Со оглед на тоа дека настаните се случуваат за време на Втората Светска војна, имав поинакви замисли за тоа каде ќе нè води приказната, но овојпат жариштето на случувањата се Балтичките земји, поточно Литванија. Прикажува страна на војната која верувам дека многумина не ја знаеле и никогаш не слушнале за она низ што поминал народот кој живеел таму.

Од самиот старт ќе кажам дека не штедев и книгава ја оценив со пет ѕвездички бидејќи ми се допадна буквално сè. Да се разбереме – приказната сама по себе не е пријатна за читање. Настаните се брутални и на неколку моменти имав потреба да подзастанам со читање и да го „сварам“ сето она што го прочитав. Впивањето на приказната буквално ми создаваше тежина. Меѓутоа, начинот на раскажување е толку добар, што и покрај сè, ве тера да читате понатаму.
Ликовите беа толку топли и допадливи, што многу лесно ме освоија и ми сраснаа за срце. Лина како главен лик низ чија призма ги следиме настаните, но и нејзината мајка која ги држеше конците во приказната и во која беше отсликана секоја мајка која до последно се бори за своите деца. Имаше многу убави цитати за кои сега ми е премногу жал што не ги зачував, но толку бев внесена во приказната, што не ми дојде на памет да обележувам 😀

Инаку, ова е книга која долго ми стои на полиците дома и за малку и овојпат ќе ја прескокнев, бидејќи првенствено посегнав по друга, ама ете, нешто ме тераше сепак да ја почнам оваа 🙂 Периодов сум во некое расположение за историски романи, па мило ми е што ја избрав оваа. Многу сум пропуштила што не сум ја прочитала претходно. Апсолутно ви ја препорачувам.

Би можело да ти се допадне и ова...