„Часови по секс“ – Даниел Грант

Сите кои го познаваат Џејмс Кенеди сметаат дека животот не можел да му подели подобри карти. Тој е згоден, паметен, млад, има одлично платена работа како банкар во центарот на Лондон, живее во огромен модерен стан во скапиот дел од градот, ги менува девојките како чорапи, има група фини пријатели… Навидум, тој навистина има совршен живот. Но она што никој не го знае е дека Џејмс Кенеди е тапа во кревет. Нула. Аматер. Не затоа што не знае како, туку затоа што има проблем, затоа што некаде греши.
Кога само би имало некој кој би можел да му покаже каде греши, можеби да му даде неколку часа по секс… Но кој?

Ова беше книга која неколку години беше на мојата to-read листа, па кога излезе второ издание на македонски јазик, веднаш ја купив. Сè што знаев за содржината е тоа дека не е толку безобразна како самиот наслов 😀 Сериозно, ми беше препорачана како забавна книга со доза на хумор која ќе ме насмее на глас. Откако ја прочитав, можам да кажам – успеа во тоа 😀
Немав поим за што точно се работи, освен тоа дека нараторот во книгата е маж, па страница по страница ја запознавав неговата приказна. Kнигата многу брзо и лесно се чита, не е напорна, ниту досадна, а ликовите се симпатични и шармантни.
Е сега, имам забелешки околу преводот. Имаше многу фрази и реченици кои на англиски звучат сосема во ред, но буквално преведени на македонски, звучат малку чудно и невообичаено. Па така, додека ја читав, веќе во глава несвесно ги преведував речениците на англиски за да ми имаат повеќе смисла. Исто така, не ми се допадна тоа што беа оставени доста англиски изрази и имиња. Особено кај имињата беше збунувачки тоа што едни беа оставени оригинално на англиски, други беа транскрибирани, а трети пак беа буквално преведени.

Во секој случај, ако сте расположени за некоја лесна и интересна книга – ви ја препорачувам 🙂

Би можело да ти се допадне и ова...