“Here We Lie” – Paula Treick DeBoard

Меган е девојка од скромно семејство која откако го губи својот татко после тешка борба, заминува на колеџ далеку од своето родно место, надевајќи се на нов почеток.
Лорен е ќерка на американскиот сенатор за Конетикат, родена во богато и моќно семејство, секаде препознавана по нејзиното презиме кое ѝ отвара многу врати каде и да оди. Нејзината бунтовност ја носи во многу неволји, но секогаш некој го чисти нередот зад неа.
По низа околности, Меган и Лорен завршуваат како цимерки на универзитетскиот кампус. И покрај нивните огромни разлики, тие за брзо време се зближуваат и стануваат неразделни. Летото пред нивната последна година на универзитетот, Лорен ја кани Меган на нивниот приватен остров каде таа престојува со нејзиното семејство. Неколку недели поминуваат во забава и уживање, сè додека една ноќ не се случи нешто страшно. Нешто што ќе ги раздвои Меган и Лорен и ќе го скрши нивното пријателство. После оваа ноќ, тие две прекинуваат секаков контакт.
По 16 години, Меган е подготвена пред светот да ја открие вистината за она што се случило тоа лето. А таа вистина му се заканува на целото семејство на Лорен.

Мистериозен трилер кој раскажува за љубовта, пријателството, љубомората, зависта и лагите. Колкава моќ стои зад едно презиме и на што сè луѓето се подготвени за да го заштитат угледот на семејството.
Книгава брзо се чита, а приказната е раскажана во неколку временски рамки, паралелно од гледна точка и на Меган и на Лорен.
Вообичаено во вакви книги каде уште од самиот почеток е најавен некаков важен настан, секогаш чувствувам голема љубопитност за да дојдам до тој момент на пресврт и да дознаам што всушност се случило. Сепак, овојпат не беше така, затоа што самата приказна беше доволно интересна за да ви го задржи вниманието во текот на целото читање. Ми се допадна како се развиваше пријателството меѓу Меган и Лорен и начинот на кој тие две се развиваа како ликови. Беа многу убаво изградени и одлично доловени со сите нивни мани и недостатоци.
Во однос на критичниот настан – прво имав секакви идеи, па кроев можни сценарија во глава. Веќе во втората половина се насетуваше што се случило, но тоа не ја изостави неизвесноста на текот на настаните. Темите што ги обработува книгава се прилично актуелни, но и чувствителни.
“Here we lie” е прва книга од оваа авторка која ја читам, но со сигурност нема да биде последна.

“I didn’t know if Lauren and I would ever see each other again, although I’d learned that just about anything was possible in life. Things were always changing and always moving on, and who we were at one moment wasn’t necessarily the person we would be forever.”

“But I’d held on to my secret longer; I’d been waiting and waiting for the girl I was to catch up with the woman I’d become for the two sides of me to become one brave and whole person.”

Би можело да ти се допадне и ова...