The Great Alone – Kristin Hannah

Алјаска, 1974 година.
Непредвидлива. Немилосрдна. Нескротлива.
А за семејство кое минува низ криза, последен обид за опстанок.

Ернт Олбрајт доаѓа дома од војната во Виетнам како променет и нестабилен човек. Кога уште еднаш ќе ја изгуби работата која им носи единствен приход, тој носи импулсивна одлука: ќе се пресели во Алјаска со целото семејство.

Тринаесетгодишната Лени, сведок на страствената и бурна врска на нејзините родители, се осмелува да се надева дека новиот дом ќе донесе подобра иднина за сите нив. Таа е очајна за место каде што ќе може да припаѓа. Нејзината мајка, Кора, ќе стори сé и ќе оди каде било за човекот што го сака, дури и ако тоа значи да го следиш во непознатото.

На почетокот, се чини дека Алјаска е одговорот на нивните молитви. Во дивиот, далечен крај на Америка, тие наоѓаат една независна заедница на силни мажи и уште посилни жени. Долгите, сончеви денови и дарежливоста на локалното население, му помага на семејството Олбрајт да се снајдат во новата средина за која се чини дека не биле подготвени.

Но, додека зимите се приближуваат и темнината се спушта над Алјаска, кревката душевна состојба на Ернт се влошува и семејството почнува да се распаѓа. Наскоро, опасноста што демнее надвор е неспоредлива со заканата што доаѓа одвнатре. Во нивната мала куќичка покриена со снег и осумнаесет часови ноќ, Лени и нејзината мајка ја сфаќаат страшната вистина: тие се сами. Во дивината, нема кој да ги спаси, освен тие самите.

Имав некое позитивно и пријатно чувство кога почнав да ја слушам аудио верзијата на книгава – како кога почетокот на некоја нова книга навестува интересна приказна. Иако долго време беше на мојата листа за читање, некако сега почувствував дека сум во расположение за некоја зимска, историска фикција. Во овој период на јулски горештини, јас многу лесно успеав да се преселам на Алјаска и да го почувствувам нејзиниот студ, немилосрдност, но и недопрени убавини.

Е сега да се вратам на самата приказна. Вака кога ќе размислам и кога ќе се навратам на случувањата во книгава, сфаќам дека постојано ме следеа некои тешки, мрачни чувства додека ја слушав, бидејќи зборува за теми како алкохолизам, пост-трауматско растројство, физичко и психичко малтретирање. Преку ликот на Ернт се претставени воените ветерани кои преживуваат и гледаат толку страшни работи во војната, што повеќе не се истите личности откако ќе се вратат назад кај своите семејства. Посегнуваат по пороци, а не ретко искажуваат и физичка сила врз нивните најблиски. Сето тоа подоцна го оправдуваат со алкохолот, искажуваат каење, за на крајот повторно да се повторува истата приказна. И така сè во круг. Преку ликот на неговата сопруга, Кора, се доловени сите жени кои трпат насилство од страна на нивните сопрузи, кои потклекнуваат пред нивната физичка сила, кои секогаш внимаваат што и како ќе кажат за да не ги испровоцираат, а на крајот после сите модрици и крв, повторно и повторно да простат затоа што веруваат дека нешто ќе се промени. А нивната ќерка, Лени, е слика за сите деца кои се нашле во такво дисфункционално семејство од еден несреќен брак. И како да не е доволно тоа што е сведок на односот на нејзините родители, таа се справува и со притисокот да биде прифатена од околината, со желба да почувствува дека некаде припаѓа.

Кора беше многу, многу слаб лик. Толку наивна и толку заслепена од љубовта кон Ернт, несакајќи да сфати дека оној Ернт кој го познавала и со кој зачнала дете, повеќе не постои. Сакав да видам малку повеќе сила и цврстина од нејзина страна, сакав буквално да влезам во книгата, да ја грабнам и да ѝ речам: Аман жено, што правиш?! Лени беше онаа која беше храбра и за двете, и за жал никогаш немаше прилика да биде дете покрај толку слаба мајка. Веројатно Лени е ликот кој најмногу ми се допадна во книгата, иако и таа имаше непромислени и наивни потези.

Ако ја интервјуирам Кристин Хана, имам неколку прашања кои би ѝ ги поставила за настаните од книгава, поточно како планирала сето тоа да го изведат ликовите. Не би можела тука поконкретно да ги напишам моите дилеми околу некои нелогичности, бидејќи ќе морам да откријам дел од настаните, но еве ќе кажам дека некои работи не ми беа верни.

На моменти бев убедена дека книгава ќе ја оценам со 4 ѕвездички, па потоа се движев измеѓу 3 и 4, но ете на крајот решив да бидам малку подарежлива и сепак да ѝ ја дадам повисоката оценка 🙂
Доколку сте љубители на историски фикции, ви ја препорачувам.

Би можело да ти се допадне и ова...