„Сопругата на детективот“ – Мирјана Проданова

1994 година: Лидија е млада девојка од фино семејство, кога го запознава малку постариот детектив Димитар и веднаш се вљубува во него. Не може да поверува колку е привлечен, колку е културен, колку е мажествен, а таа од друга страна, млада, наивна, неискусна. Кога тој покажува интерес за неа, просто не може да си поверува на среќата.
Но, дали е сè така како што изгледа?
2014 година: Лидија е во затвор, а Димитар е мртов. Никој не знае што точно се случило. Таа на суд сведочи дека со години била жртва на семејно насилство и тврди дека била принудена да го убие сопругот во самоодбрана, но никој не ѝ верува.
А можеби и не треба…

Вообичаено додека ги читам книгите си водам забелешки за она што сакам потоа да го напишам на блогот како впечаток, бидејќи откако ќе завршам со некоја книга често заборавам на многу работи кои би сакала да ги споделам.
Првото нешто кое го забележав кај книгава, а ми се допадна, беше тоа колку внимателно беа склопени речениците. Лесно може да се забележи кога е вложено труд во тоа добро да бидат формулирани дијалозите, раскажувањето да тече лесно и да нема повторувања од типот „тој рече/таа рече“, а овојпат имав впечаток дека Мирјана навистина внимавала на буквално секој збор кој го ставила на хартија.
Раскажувањето тече во две временски рамки, па паралелно го следиме развивањето на врската на Лидија и Димитар од една страна, наспроти периодот кога тој веќе е мртов, а Лидија е во затвор. Мене генерално ми се допаѓа ваквиот начин на раскажување кој често го има во книги од ваков жанр, бидејќи некако можам истовремено да следам две различни ситуации и околности кои во одреден момент се спојуваат во една точка. Отсекогаш повеќе ми се допаѓало ваквото раскажување, отколку она настаните да течат хронолошки во една линија, бидејќи ми е поинтересно да го откривам текот на настаните попатно, односно веќе да знам што се случило, а да не знам како се случило и дошло до тоа. Конкретно во оваа книга, ги гледавме Лидија и Димитар во нивните најубави години, на почетокот на нивната врска кога се чинеше дека сè им цвета, но знаевме дека некаде попатно таа нивна љубов скршнала од патот бидејќи истовремено ја следевме Лидија во целиот судски процес и нејзиното престојување во затворот.
Она што дополнително овде ми се допадна беше тоа што низ раскажувањето се провлекуваа личните приказни на останатите затворенички со кои Лидија го делеше затворот, па тоа ја правеше приказната побогата, иако можеби на почетокот мислев дека ќе биде хаотична поради ова. Сепак не беше, ги запамтив приказните на сите затворенички и притоа морам да кажам дека беа одлично склопени – не беа предолги за да бидат досадни и да се одвлече вниманието од главната приказна, а сепак даваа краток осврт на животните (не)прилики на затвореничките, давајќи ја причината зошто се во затворот, но и позадината на нивните постапки. Ми се допадна тоа што основите за нивната осуда беа различни и некаде можев да ги оправдам, а некаде не.

Имам две забелешки за книгава. Првата, која се однесува на самата содржина е тоа дека од правен аспект, забележав некои процедурални недоследности кои се провлекуваа низ приказната. Со оглед на тоа дека дејствието се случува во Македонија, додека читав ги „ловев“ грешките за елементите кои во нашиот систем не постојат, односно се поинакви. Притоа имајте на ум дека ова го зборува правничката во мене, на читателката баш и не ѝ се важни тие работи 😀
Втората забелешка е од естетски аспект – корицата. Како корица е одлична, ама не ми се вклопуваше со приказната бидејќи прво, дејствието се случува во Скопје, а на корицата е прикажан друг град, второ Лидија во книгата има црна коса, додека жената на корицата е русокоса.

Додека ја читав си забележав некои цитати кои ќе ги споделам овде во продолжение:

„Колку лесно луѓето забораваат на сопствените недостатоци и се опседнуваат со туѓи.“

„Баш кога мислеше дека заборавила на дечкото без име, тој повторно ќе ѝ се вратеше во мислите, како песна на која не ги знае зборовите, ама мелодијата упорно се враќа во главата.“

„Знаеш дека имаш сè кога немаш што да изгубиш.“

Би можело да ти се допадне и ова...