„Го имам твојот број“ – Софи Кинсела

Попи Вајат никогаш немала поубав период во животот. Таа наскоро треба да се омажи за нејзиниот совршен вереник Магнус, но нејзината идилична иднина почнува да се распаѓа за само едно попладне. Прво го губи скапиот веренички прстен, а во моментот на паника што следи, ѝ го крадат мобилниот телефон. Додека избезумено шета во хотелот каде што се случува сето тоа, забележува еден фрлен телефон во корпа за отпадоци. И се разбира дека си го зема! Мора да им остави број во хотелот за да ја контактираат ако ѝ го најдат прстенот. Совршено!
Меѓутоа, сопственикот на телефонот, Сем Рокстон, не се согласува. Тој сака таа да му го врати мобилниот и не сака Попи да му ги чита пораките и да му душка во приватниот живот. Следи комичен пресврт на настаните додека Попи и Сем делат телефон, ѕиркајќи си еден на друг во животите. Попи се подготвува за свадба и ја крие левата рака од Магнус и неговите родители, но набрзо сфаќа дека ја чека најголемото изненадување во животот.

Книгава толку долго време ми беше на листата за читање и толку многу им верував на позитивните коментари од читателите, што се осудив да ја купам и подарам без претходно самата да ја прочитам 😀 Иако ми беше во план да читам нешто друго перидов, откако добив позитивни коментари за изборот за подарок, си реков океј, време е да ја прочитам и јас 😀

Мислам дека кога е Кинсела во прашање, на сите ни е јасно што можеме да очекуваме – лесна и забавна книга со многу комични моменти. Таква беше и оваа. Да бидам искрена не беше претерано предвидлива и клише и навистина ми се допадна текот на настаните 🙂 Веројатно не е потребно да кажам дека многу брзо и лесно се чита, јас прелетував низ страниците и сите згоди и незгоди на Попи која неколку пати ме насмеа на глас 😀

Искрено можеби не е најдобрата книга од Кинсела која сум ја прочитала досега, но секако ја препорачувам доколку сте расположени за чик лит 🙂

Би можело да ти се допадне и ова...