„Ќерката на трговецот со свила“ – Дајна Џефрис

Француска Индокина, 1952 година. Кога Никол, полу-Французинка, полу-Виетнамка, ќе наполни осумнаесет години, татко ѝ ѝ препушта да се грижи за одамна затворената продавница за свила во Ханој. Но, нејзината сестра Силви е таа што ќе го преземе управувањето со големиот семеен бизнис. Погодена од оваа неправда, почнува да ги чувствува и неправдите на колонијалната власт кон Виетнамците.
Додека бунтовниците со сите расположливи средства се обидуваат да стават крај на владеењето на Французите, Никол е на крстопат помеѓу Тран, озлогласен виетнамски бунтовник што ѝ нуди совршено бегство од неволите, и Марк, шармантниот американски трговец и маж за каков што отсекогаш сонувала. Исправена пред големите одлуки, животот ќе ѝ тргне во неочекуван правец…

Ова е прва книга од Дајна Џефрис која ја читам, иако „Мирисот на листовите чај“ ме заинтригира уште кога излезе, ама ете, некако при брз избор на Фестивалот на книгата оваа ми падна во раце. И многу ми е мило што се одлучив за неа, затоа што ми се допадна навистина многу.
Приказната ќе ве пренесе во Виетнам во 50-тите години на минатиот век кога на тие простори почнува да беснее војна. Низ раскажувањето ќе ве води Никол – млада девојка која поради нејзиниот татко и сестра отсекогаш се чувствувала виновна за смртта на мајка ѝ која починала на породувањето. Девојка со мешана крв која никогаш не се чувствувала дека припаѓа ниту на едната, ниту на другата страна, а особено во услови кога двете страни ќе завојуваат меѓусебе. Девојка која отсекогаш живеела во сенка на нејзината сестра која е поубава, попаметна, поуспешна… Никаде и никогаш не се чувствувала добредојдено или посакувано. Никол е толку убаво доловена како лик, што ми се чини невозможно е да не се соживеете со нејзината судбина. Покрај неа и другите ликови имаа свој „глас“ и сите беа убаво обликувани, а ми се допадна и тоа што карактерно беа сосема различни.

Сцените од Ханој и Виетнам во 1950-тите се навистина живописни и на моменти се чувствував како да сум дел од целата приказна. Мене успеа целосно да ме пренесе во друго место и време. Ми ги активираше сите сетила додека ја читав и како да можев да ги почувствувам сите мириси и вкусови кои се провлекуваа. Дополнително, навистина имав впечаток дека Дајна се вложила во истражување на темата, со оглед на тоа дека се опфатени многу историски настани од тој период.
Приказната е слоевита и покрај војната, раскажува и за проблематичните семејни односи, скриените тајни, предрасудите, вистинската љубов…

Приказната тече непрекинато, без застој во настаните кои нема да можете да ги предвидите. Впрочем, како што војната е непредвидлива, така беше и оваа приказна.

Преводот е одличен и навистина уживав во читањето. Ја препорачувам 🙂

Би можело да ти се допадне и ова...