Getaway Girl – Tessa Bailey

По цели 6 години и мистерија околу нејзиното заминување, Адисон Потс се враќа во Чарлстон – а зар постои подобра прилика за тоа од венчавката на нејзината братучетка со која долго време не зборува? Само што, плановите не се одвиваат како што треба. Невестата не се појавува на свадбата, а Адисон сосема случајно е фатена во незгодна ситуација – во обид да се тргне од целиот хаос на венчавката, избезумениот младоженец Илајџа ѝ приоѓа и одеднаш се чини дека Адисон станува негов шофер кој има за задача да го одвлечка далеку од гостите кои се полни со прашања.
Илајџа е идниот градоначалник на Чарлстон. Од неговата воена кариера, па сè до градското собрание, неговиот живот е испланиран до најмалиот детаљ. Барем досега. Непланирано, а и неочекувано, Адисон станува негова најдобра пријателка. Таа го прави среќен. Го приземјува. Но, нивната дружба изгледа многу поинаку во очите на јавноста, особено во пресрет на изборите кои ќе ја запечатат неговата кариера. Сепак, тој не е подготвен да се откаже од неа…

Мислам дека можам слободно да кажам дека ова е книга на која најмногу пати сум превртела очи…
Кратката содржина делуваше ветувачки, дури би рекла дека има книги со многу поклише вовед од кој веќе знаете што ќе се случува, но ова воопшто не ми делуваше дека ќе биде почеток на една толку плитка приказна. Коментарите на Goodreads се исто така многу позитивни – полни со импресии и само пофалби. Попатно налетав само на високи оценки, па тоа беа доволни причини за (прво) да се одлучам да ја прочитам, а потоа и да не ја оставам кога видов колку е проста. Имав впечаток дека читам дневник на некоја заљубена тинејџерка која си фантазира за филмско сценарио со симпатијата.

Работите во книгава тргнаа добро и навистина имаа потенцијал, ама некаде попатно се изгубивме. Имав чувство дека земавме толку голем залет во приказната, како да сме се пуштиле во тобоган, па после неколку кривини со голема брзина, завршивме на дното од базенот… Премногу брзо се одвиваа работите – нереално и непотребно брзо. Главните ликови ми беа целосно антипатични, можеби не сами по себе, колку што не можев да ги поднесам заедно, како пар. Имаа многу избрзаната и вештачки наметната хемија која воопшто не ми се допадна. Секс сцените и целиот тој dirty talk мене искрено ми беше смешен 😀 😀
Сумирано од сè погоре – не ја препорачувам воопшто. Ќе ја оценев со една ѕвездичка, ама решив барем малку да го вреднувам трудот на писателката, па од мене доби две.

Би можело да ти се допадне и ова...