Summer’s Child – Diane Chamberlain

Дваесет години откако 11-годишната Дарија пронашла напуштено новороденче на плажата, таа сè уште е дел од животот на бебето. Без размислување, родителите на Дарија го посвоиле новороденчето, но сега кога нив повеќе ги нема, Дарија ја прифаќа одговорноста за Шели која во меѓувреме прераснала во прекрасна, млада жена. Сепак, сите околности кои довеле до нејзиното раѓање, оставиле траен белег врз развојот на Шели која сепак не може сама да функционира без помош. Без да се консултира со никој од поблиското семејство, Шели го контактира Рори Тејлор – водител на телевизиско шоу „Вистински животни приказни“, за да побара помош да ја пронајде нејзината мајка. Рори пројавува особен интерес за приказната на Шели, бидејќи и тој самиот бил еден од многуте тинејџери кои летото го поминувале на таа плажа и бил сведок на настанот кога таа била пронајдена.

Ги сакам книгите на Чемберлен и повеќе пати имам кажано дека кога немам инспирација и не знам што да одберам да читам, вообичаено посегнувам по некоја нејзина книга знаејќи дека со сигурност ќе добијам интересна приказна. Сепак, морам да признаам дека од сите нејзини прочитани книги, оваа би ја ставила на последно место, иако од мене доби средна оценка. Ова е една од постарите книги на Чемберлен (првично издадена во 1999 година) што ми се чини дека веднаш го забележав и се чувствува разлика меѓу нејзините тогашни книги и оние издадени малку подоцна. Што е сосема нормално, нели 🙂

Брзо се чита и го задржува вниманието, бидејќи дејствието непрекинато тече и постојано се случува нешто. Така што ако се одлучите да ја прочитате, верувам дека нема да ви биде досадна во ниту еден момент. Сепак, за мој вкус книгава имаше премногу, ама премногу драма. Имав чувство дека е расплинета на сите страни – како Чемберлен да имала запишано куп идеи во тефтерче и на крајот решила да ги искористи и да ги вклопи сите во една иста книга. Беше премногу. Дури на моменти морав да подзастанам и да размислам кој лик со кого беше поврзан и која беше неговата улога во приказната од што бевме all over the place. Мислам дека приказната ќе беше сосема солидна и богата и без одредени пресвти кои се случија, па дури и одредени ликови. Искрено кажано, да бев јас уредник во издавачка куќа и да сум ја имала работната верзија на книгава во рака, голем дел од неа ќе фрлев во корпа 😀 Навистина немаше потреба толку да се расплинуваме на сите страни.

Од оваа главна забелешка доаѓаат и останатите – заради целата драма, немавме прилика убаво да ги запознаеме ликовите, па на крајот некои нивни постапки ми беа нетипични за нив, барем така дадени во она светло во кое имавме прилика да ги запознаеме. Не само ликовите, туку и нивните меѓусебни врски ми беа некако апстрактни и нереални.

Вака можеби делувам многу критички настроена кон книгава, но сепак ќе ја ставам во категоријата Препораки, бидејќи иако ми беше најслаба прочитана од Чемберлен, сепак мислам дека на многу љубители на овој жанр ќе им се допадне 🙂

Би можело да ти се допадне и ова...