„Џентлмен во Москва“ – Ејмор Тоулс

Во 1922 година, грофот Александар Ростов се соочува со болшевичкиот трибунал кој го осудува на т.н. куќен притвор кој треба да го помине во луксузниот хотел Метропол. Во спротивно, тој ќе биде застрелан. Принуден да го замени својот простран стан со темна таванска просторија, грофот мора да избере – да му најде ново значење на неговото постоење или да признае пораз и да ѝ се препушти на смртта. Начитан и образован, со одлични манири и префинет вкус, грофот е свесен: ако не успее да им стане господар на околностите, тој е осуден да биде нивен роб.
Судбината, како што добро знаеме, е каприциозна и непредвидлива. Па така, Ростов ќе створи пријателство онаму каде што најмалку очекува – со деветгодишно девојче кое ќе му ги отвори вратите кон еден свет непознат за него. Во рамките на ограничувањата на неговото постоење, грофот го прави незамисливото – тој ги проширува своите внатрешни хоризонти, претворајќи ги недостатоците во предности. За на крајот, тој да прерасне во најсреќниот човек во Советскиот Сојуз, и покрај ограничувањата. Или можеби токму поради нив…

Книгата е обемна, има 640 страници и она што е интересно – целото дејствие се одвива на една иста локација 🙂 Всушност, можеби тоа и не звучи баш интересно, но и покрај тоа што постојано се движевме во границите на хотелот Метропол, сепак немаше застој на настаните и постојано нешто се случуваше. Мислам дека ова доволно зборува за умешноста во раскажувањето што ја има Тоулс, бидејќи навистина е предизвик да расплиниш приказна на толку страници, а просторно да останеш во истата точка 🙂

Ова е една од оние книги во кои не само што настаните се одвиваат во минатиот век, туку при читањето некако добивате чувство дека тогаш е и напишана. Мислам дека ако не знаете дека се работи за роман кој всушност првично е издаден во 2016-та година, никогаш не би погодиле. Го има оној шмек на руските класици – нешто кое може да има различен и дијаметрално спротивен ефект кај различни читатели, во зависност од нивните вкусови. Па така, додека едни сметаат дека руските класици се нешто најдобро што му се случило на светов во областа на литературата, други ги сметаат за крајно досадни 😀 Нешто слично веројатно е и со оваа книга – ако не сте љубители на таквиот стил на раскажување со многу описи и украси, може дури и да ви биде досадна.

Јас признавам дека премногу ја развлеков со читањето, но заради обврските кои не ми дозволуваа да седнам и да се опуштам со книга, а не затоа што ми беше досадна. Баш напротив, кога и да седнев да ја читам, многу брзо ги прелетував страниците.

Ликот на Александар е еден од највпечатливите ликови кои воопшто сум ги сретнала 🙂 Крајно допадлив, толку шармантен, интелигентен, начитан, сталожен, а истовремено и со смисла за хумор – едноставно прекрасен. Иако карактерно беше ненаметлив, некако природно успеваше да ја окупира секоја ситуација со своето присуство. Многу, многу ми се допадна.

За крај, ќе се сложам со она што го вели Бил Гејтс за книгава – „Џентлмен во Москва“ е неверојатна приказна затоа што во неа има од сè по малку. Има фантастична романса, политика, шпионажа, родителство и поезија. Книгата е историска фикција, но би било исто толку точно ако се нарече трилер или љубовна приказна.

Апсолутно ја препорачувам 🙂

Би можело да ти се допадне и ова...