Три наслови за среќен Ден на книгата

Како подобро да се прослави Светскиот ден на книгата од тоа да се дополни домашната библиотека со нови наслови? 🙂 За таа цел одредени издавачки куќи понудија попуст кој верувам дека многумина од вас го искористија за да се подноват со некоја нова книга, а овојпат јас за вас одвоив три наслови доколку не знаете што следно да читате 🙂

Последната кралица – К.В.Гортнер

Хуана од Кастилија, последната кралица со чиста шпанска крв што го наследи престолот на својата земја, со векови е енигматична фигура обвиткана со неверојатна мистериозност.
Дали таа беше вдовица, како што вели легендата, која беше полудена од нејзината загуба, или историјата погрешно ја проценила жената што била пред своето време?
Како трето дете на Изабела I, кралицата на Кастилија и Фернандо, кралот на Арагон, Хуана ќе се роди во услови на безмилосна борба на нејзините родители за обединување на нивното кралство, сведочејќи за падот на Гранада и откритијата на Колумбо. На возраст од шеснаесет години, таа е испратена да се омажи за Филип, надвојводата на Фландрија, како дел од стратегијата на нејзините родители за зајакнување на Шпанија, исто како што нејзината најмлада сестра, Каталина од Арагон, е испратена во Англија да стане прва сопруга на Хенри VIII.
Хуана наоѓа неочекувана љубов и страст со својот убав млад сопруг, единствениот наследник на Хабсбуршката Империја. На почетокот таа била задоволна со своите деца и животот во Фландрија. Но, кога ќе се случи трагедијата и таа ќе го наследи шпанскиот престол, Хуана ќе се најде помеѓу бескрупулозната борба за моќ на нејзиниот сопруг и ветувањето што ѝ го дава на мајка ѝ Изабела I, не изоставувајќи го и мешањето на најголемите европски монарси. Опколена со непријатели од сите страни, нејзината интелигенција и гордост се искористени како оружје против неа, Хуана ветува дека ќе ја обезбеди круната и ќе ја спаси Шпанија од пропаст, дури и по цена тоа да ја чини сè.

Слаткоречив туѓинец – Лиса Клејпас

Џек Тревис има прилично едноставен и некомплициран живот како тексашки милионер и плејбој. Тој не дава никакви ветувања, љуби многу жени и живее за задоволство. Но вистината е дека никој никогаш ја нема допрено неговата душа и нема стигнато до неговото срце. Тој е нескротлив и безгрижен сѐ до моментот кога една жена му се појавува на врата со видлив бес на лицето и бебе во рацете.
Лутата жена е тетка на бебето и таа тврди дека Џек е таткото на бебето. Вистинската мајка го напуштила детето, препуштајќи ѝ ја грижата за него на својата поодговорна сестра. И сега, од Џек се бара да преземе одговорност за првпат во животот.
Со неодолива романтична тензија и ликови кои се толку живи што чиниш чекорат по страниците и влегуваат директно во твоето срце, Лиса Клејпас повторно создала една од оние приказни кои те засмеваат, расплакуваат и оставаат вечна трага во твоето срце и ум.

Стаклениот хотел – Емили Сент Џон-Мандел

Стаклениот хотел е возбудлив роман сместен на крстопат меѓу две навидум неспоиви случки – пропаѓање на огромна пирамидална шема и мистериозно исчезнување на една жена од брод на море.
Винсент работи како шанкерка во отмениот хотел „Кајет“ на најсеверната точка на осторовот Ванкувер. Ноќта кога го запознава Џонатан Алкаитис, маскирана силуета начкртува порака на прозорецот во фоајето: Да се наголташ срчи. Високо над Менхетен, со години се одвива поголемо злосторство. Кога финансиската империја на Алкаитис ќе се распадне, ќе збрише неброени богатства и ќе уништи многу животи.
Во оваа восхитувачка приказна за преживувањето, Емили Сент Џон Мандел често го води читателот низ скриени предели: кампови за луѓе кои ги изгубиле своите домови, подземни клубови за електронска музика, прекуокеанска шпедиција, меѓу послугата во луксузните хотели и животот во федерален затвор. Исполнет со изненадувачка убавина, Стаклениот хотел е блескав портрет на лакомост и вина, љубов и заблуда, духови и неочекувани последици, и на бесконечните патишта по кои ја бараме смислата на нашите животи.

Би можело да ти се допадне и ова...