„Жената во кафезот“ – Јуси Адлер-Олсен

Прогонувана. Киднапирана. Но достоинствена. И борбена. Гребе со ноктите по голите ѕидови на просторијата во која е заробена додека прстите не почнат да ѝ крвават. Нема начин да одреди колку е часот или кој ден е, па неделите и месеците минуваат како на бескрајна лента. Прикриениот глас во темнината е груб и немилосрден. Вели дека сето тоа ќе престане кога ќе му одговори на едно едноставно прашање…
Детективот Карл Морк се враќа на работа по подолго отсуство поради престрелка во која едниот од неговите колеги останува парализиран, а другиот е убиен. Карл се обвинува себеси, а колегите почнуваат да го избегнуваат. Шефот го преместува во новоформираниот сектор за нерешени случаи надвор од Копенхаген, наречен секторот Q. Како единствен вработен во овој сектор му е назначен сирискиот имигрант Асад, кој всушност е чувар, но се покажува како талентиран и надарен детектив.
Карл одново ја започнува истрагата за случајот со исчезнатата млада политичарка Мерете Лингор. Таа исчезнала пред пет години и се претпоставува дека е удавена, но нејзиното тело никогаш не е пронајдено. Карл смета дека нешто е пропуштено во истрагата. Навистина, Мерете не е мртва. Сè уште не!

Се сеќавам колку ноншалантно и без некое посебно претходно истражување ја одбрав книгава за време на попустите за Black Friday, потоа извесно време ми стоеше на полица и од некоја необјаснива причина упорно ја прескокнував, за на крајот да биде еден од подобрите трилери што сум ги прочитала во последно време!
Можам слободно да кажам дека кај нас сè повеќе стануваат актуелни и популарни скандинавските автори и многу ми е мило за тоа, бидејќи секако, има добра причина зошто 🙂
Книгава паралелно ги раскажува приказните за Карл и Мерете, наизменично водејќи го читателот низ две временски рамки – 2002 и 2007 година. Истовремено го следиме исчезнувањето на Мерете и повторното отворање на нејзиниот нерешен случај кој го води Карл. Сакам книги кои паралелно раскажуваат во две временски точки, но овојпат дополнително ми се допадна и тоа што на крајот тие две точки се спојуваат во една. Многу ми се допадна начинот на кој се надополнуваа двете приказни – Мерете ја следевме низ нејзиното киднапирање и измачување, а истовремено дознававме за нејзиниот живот и што сè се случувало преку истрагата која ја водеше Карл. Во текот на читањето постојано ме водеше неизвесноста и мистериозноста на приказната и не можев книгава да ја пуштам од раце затоа што сакав да видам што ќе се случи понатаму. Морам да признаам дека крајот не го предвидов, иако имав милион можни комбинации во глава, ама ете, вистинската не ни ми падна на ум 😀
Инаку, морам да потенцирам дека некои делови од книгата треба да ги читате со малку поголемо внимание, за да не се изгубите во сите сплетки што ја замрсуваат приказната и да можете да сфатите како се поврзани сите ликови меѓу себе. Патем, преводот е одличен, ако размислувате кој трилер следен да го читате – апсолутно ви ја препорачувам „Жената во кафезот“ 🙂 Инаку, ова е првиот дел од серијалот „Секторот Q“ од кој колку што знам засега само првата книга е преведена на македонски.

„Лежеше на земја и размислуваше за книги. Ова го правеше често за да не мора да размислува за животот што ќе го имаше ако носеше поинакви одлуки. Кога мислеше на книгите, преминуваше во еден сосема поинаков свет. Самото сеќавање на допирот на сувата површина и на необјаснивата рапавост на хартијата знаеше во неа да запали факел на копнеж. Мирис од испарувањето на целулозата и на печатарското мастило. Веќе илјада пати своите мисли ги однесе во замислена библиотека каде што ја избираше единствената книга на светот што сигурно можеше да ја повика во своите сеќавања без да ја разубави.“

Би можело да ти се допадне и ова...