„Совршената замена“ – Грир Хендрикс и Сара Пеканен

По 7 години брак, Ричард ја остава сопругата Венеса за неговата помлада секретарка Нели. Венеса ги поминува деновите потсетувајќи се на нејзината младост, запознавањето со Ричард, нивниот брак и обидот да имаат дете, прашувајќи се од кој момент работите тргнале наопаку. Оставена во нејзината самотија, размислува за тоа дека наскоро животот на Нели ќе биде уништен.

Во пресрет на венчавката, Нели е возбудена за тоа што наскоро ќе му стане сопруга на Ричард – човек на кој отсекогаш му се восхитувала, заради начинот на кој ја третирал неговата поранешна сопруга. Но, како што поминува времето, така таа сè повеќе има чувство дека некој упорно ја следи.

Додека ја читате книгава, ќе направите многу претпоставки.
Ќе претпоставите дека читате за љубоморна поранешна сопруга.
Ќе претпоставите дека таа е опседната со жената за која ја заменил нејзиниот сопруг.
Ќе претпоставите дека е јасно што се случува во овој испреплетен љубовен триаголник.
Сепак, не претпоставувајте ништо.

„Совршената замена“ е приказна за бракот, пријателството, опсесијата, манипулацијата, предавството, љубомората, зависта, одмаздата… Ова е психолошки трилер со многу ненадејни пресврти кои сигурно нема да ги очекувате. Тонот на раскажување е смирен, барем така јас го доживеав, а карактерите беа повеќедимензионални и убаво се градеа во текот на приказната, прикажувајќи ни делови од нивното минато и сегашност.

На Goodreads критиките се поделени, а од мене книгава доби некоја средна оценка. Имаше моменти кои не ми се допаднаа и мислам дека беа too much, на крајот дури ми требаше време за да си ги средам мислите, да ги поврзам работите и да ми се разјасни сликата. Сепак, приказната ми го задржуваше вниманието, а бонус е тоа што размислувањата ми ги насочи кон сосема други претпоставки, за на крајот пресвртот во целост да ме изненади.

Би можело да ти се допадне и ова...