Македонски издавачки куќи

Во пресрет на Саемот за книги, морам да ве прашам – дали сум единствената која секогаш се изненадува од големиот број на издавачки куќи кои можеме да ги сретнеме на штандовите? Од ракав во овој момент можам да набројам десетина издавачки куќи кои ги знам и од каде сум купила книги, но на саемите секогаш налетувам на нови за кои не сум ни чула претходно. Не знам дали тоа се должи на слабиот маркетинг, фактот дека немаат своја книжарница или во прашање е нешто сосема друго, но секогаш налетувам на непознати натписи врз штандовите, каде вообичаено и најмногу се задржувам, затоа што сакам да видам што имаат да понудат.
Ова ме поттикна да ги анализирам изданијата на моите домашни полици 🙂

Издавачка куќа од која имам најмногу книги
Само да замижам пред полиците и да не ги пребројам насловите, знам дека дефинитивно првото место во мојата библиотека го држи Матица. И ова се должи на неколку факти – прво, Матица е една од нашите најстари издавачки куќи и од таму купувам книги уште од средно (не сум многу стара, ама сепак, тоа беше одамна 😀 ); второ имаат навистина голем избор на наслови, се наоѓа од сè по нешто за секого и држат изданија на доста автори кои сакам да ги читам; трето, редовно имаат попусти на книги, убави пакети за солидни цени, па често завршувам во нивните книжарници.

Издавачка куќа од која поседувам малку книги, но имам прочитано многу од нивните наслови
Дефинитивно Сакам книги. Ќе бидам супер искрена и ќе кажам дека на моите полици имам само две нивни книги. НО, имам прочитано еден куп од насловите на кои тие направиле македонско издание. Дури некогаш ми се чини дека имаме ист вкус за книги со луѓето кои стојат зад оваа издавачка куќа, затоа што многу често се случува да прочитам некоја книга на англиски, а за кратко време потоа да видам дека сме добиле и превод на македонски јазик 🙂 Или пак додека веќе ја читам книгата на англиски, да видам дека Сакам книги го најавуваат македонското издание. Од таа причина, секогаш кога го разгледувам нивниот веб сајт, голем дел од насловите ми се веќе познати. Сепак, ги сакам како издавачка куќа затоа што секогаш одат на квалитет, а не на квантитет и тоа веднаш се забележува.

Издавачка куќа чии изданија ми се допаѓаат најмногу
Морам да признаам дека сè повеќе ми се допаѓаат изданијата на Антолог. Како издавачка куќа можеби и не се толку експонирани за разлика од некои други, барем таков е мојот впечаток од она што го читам по читателските фејсбук групи, но имаат навистина супер изданија. Прво, имаат многу добри наслови, од не толку извикани писателски имиња; второ, откако го сменија логото и ликот на самите изданија, ми се допаѓаат многу повеќе. Едноставно, книгите се одлично скоцкани и ми се допаѓа буквално сè – од дизајн на корица, до квалитет на хартија. И уште нешто што забележав – книгите многу лесно се отвараат 😀 Не сакам книги со кои се мачам да ги листам страница по страница, особено затоа што внимавам со книгите и гледам што подобро да ги сочувам и да не ги оштетам. Не знам дали е случајно или намерно, ама изданијата на Антолог многу лесно се листаат, независно од бројот на страници. Можеби ова некому ќе му биде сосема ирелевантно, ама мене како перфекционист (особено кога станува збор за книгите) секој детаљ ми е важен 🙂

Би можело да ти се допадне и ова...