Совети за тоа како да одберете книга за подарок

Книгите ми се омилен подарок – и кога ги добивам и кога ги давам. Да можам, би подарувала книги на секого и за секоја прилика. Всушност, не е дека не можам, само не би сакала да претерам 😀
Вообичаено, лесно одбирам книги за подарок, особено затоа што ги познавам луѓето околу себе, знам што би им се допаднало, па лесно го правам изборот. Сепак, купувањето книги за подарок не е секогаш лесно, особено ако подарувате на некој што многу сака да чита, па прво не сте сигурни дали книгата што сте ја одбрале веќе ја има прочитано, или можеби ја има на домашните полици со книги.

Сум добила и подарила многу книги досега, па овојпат решив на мојов блог да сумирам неколку совети кои ги научив од сопственото искуство 🙂

Кому купувате? Некој што чита постојано, или повремено?
Одбирањето книга за првата категорија читатели е малку попроблематично, бидејќи постои поголема можност книгата која сте ја одбрале веќе да ја има прочитано, или барем да ја поседува. Но, секогаш постојат трикови преку кои ќе можете тоа да откриете. На пример, мојот веќе испробан трик е „да се посоветувам“ со личноста кому сакам да ја подарам конкретната книга, па директно да прашам дали ја има прочитано и што мисли за преводот. Изговорот ми беше дека јас ја имам прочитано оригиналната верзија на англиски, но сакам да ја подарам македонската верзија, па ме интересира каков е преводот. Во конкретниот случај, ништо не излажав, навистина беше така 😀 Откако добив одговор дека ја нема прочитано, следеше дополнително прашање: А дали можеби ја имаш дома за да ми го кажеш името на преведувачот? 🙂 За крај само ќе кажам дека трикот ми успеа 😀
Секогаш има начин ова да го дознаете, а е важна работа, бидејќи навистина никој не сака некому да подари „веќе прочитана книга“.

Какви книги вообичаено сака да чита?
Ми се чини дека оваа информација е многу полесно да ја дознаете, бидејќи ако веќе сте разговарале за книги, тогаш сигурно знаете барем по каков жанр треба да тргнете во потрага. Попатно низ разговор можете да дознаете што мисли за конкретни автори, бидејќи на пример има читатели кои иако обожаваат да читаат трилери, не можат да го смислат стилот на Себастијан Фицек, па оттука ќе знаете чии книги НЕ треба да ги купувате.

Информирајте се за содржината
Никогаш не одбирајте книга само затоа што насловот или корицата ви личи дека се соодветни. Јас на подарок ја добив „Пеперутка“ од Сашо Тасевски со образложението: Знам дека сакаш пеперутки 😀 Вистината е дека, книгата нема апсолутно никаква врска со пеперутки, барем не оние што јас ги сакам 😀 Многу често зад насловите на книгите се крие некакво друго значење, па затоа секогаш прочитајте ја и кратката содржина пред да го направите изборот. Истото може да се случи и со корицата – никогаш не одбирајте книга само затоа што ви се допаднала корицата и не се ослонувајте на евентуалната приказна за која ВИЕ си мислите дека се крие зад неа.

Одберете книга според возраста
Веројатно нема потреба да нагласам дека ова е особено важно доколку на пример подарувате книга на млада личност или тинејџер. Возраста е веројатно првата работа за која еден книжар ќе ве праша доколку му се обратите за помош при изборот. Се сеќавам дека книгата „11 минути“ од Пауло Коелјо (во која, меѓудругото, има и секс сцени) ја добив како подарок за моето матурирање со објаснувањето: Сакав да ти ја подарам многу порано, но знаев дека нема да биде соодветно 🙂

Избегнувајте продолженија или делови од серијали
Ми се има случено да добијам книга која всушност е продолжение на некоја претходна, а таа претходна ниту сум ја прочитала, ниту пак ја имам дома. И сега ова ме става во малку незавидна ситуација – морам да ја купам и оваа претходната, бидејќи настаните во втората книга се надоврзуваат. Истото е и со серијалите во кои може да има и до 7-8 делови – внимавајте да не купите некој дел измеѓу, особено ако настаните течат хронолошки (што вообичаено е така) или пак деловите во најмала рака се врзани преку реферирање на некој настан или факт од претходните делови.
Ако веќе се одлучите да купите наслов кој е продолжение или пак дел од серијал, нека биде тоа само доколку знаете дека личноста кому ја подарувате книгата, навистина сака да ја прочита истата или веќе му била во план да ја купи.
Секако, ова не важи доколку купите книга од серијал каде деловите можат самостојно да се читаат и не се врзани меѓусебно.

Дали би сакал/а посвета?
Нема книга која досега ја имам подарено, а во која немам напишано никаква посвета на првата страница. Тоа ми е еден од омилените моменти кога подарувам книги, бидејќи знам дека таа „честитка“ останува овековечена засекогаш. Многу сакам кога ги разгледувам моите книги кои сум ги добила одамна и во нив ги читам посветите стари повеќе од една деценија. Сепак, откако почнав да поставувам анкети на мојот Читателка истаграм профил, едно од прашањата беше Дали сакате напишани посвети во книгите кои ги добивате, и иако поголемиот дел од вас одговорија со да, имаше и такви кои одговорија одречно, па дури и развивме мала дискусија преку пораки 🙂 Тогаш дознав дека всушност има луѓе кои не сакаат кога книгите се шкртани, па макар и да е посвета во прашањето – нешто што апсолутно го почитувам. Од таа причина, мојот последен совет е откако веќе ќе изберете книга, да размислите дали на оној/онаа кому ја подарувате, би сакал/а да ја добие со напишана посвета.

Би можело да ти се допадне и ова...