Yes Please – Amy Poehler
Пред да започнам да ги споделувам импресиите за биографската книга на Ејми Полер, ќе кажам неколку работи. Не сум нејзин фан, ниту пак нешто особено многу бев запознаена со нејзината работа пред да почнам да ја читам книгава, односно да ја слушам нејзината аудио верзија. Освен во некои изолирани филмови, во кои не сум ја ни забележала пред таа самата да ги посочи во книгата, не сум ја следела нејзината кариера како актерка во филмови и серии, водителка на тв шоу и разни други настани, а сè што знам е дека е комичарка.
Можеби и требаше претходно малку повеќе да се информирам околу тоа што правела досега во животот, бидејќи сосема очекувано, реферира на многу работи во текот на книгата за кои јас немав поим.
Не знам како всушност дојдов до книгава и еднаш веќе почнав да ја слушам, но ја прекинав, за сега повторно да ѝ дадам шанса. Аудио верзијата ја чита Ејми, а на моменти имав впечаток дека слушам некој поткаст, бидејќи се вклучуваат и други наратори. Во неа има и оригинален дел од една од сериите во кои Ејми играла, има и снимка во живо на која таа им чита поглавје на нејзините фанови, така што книгата е спакувана во едно прилично шаренолико аудио издание.
Веќе имам споменато и претходно дека не сум некој голем љубител на биографски книги, но има неколку кои премногу ми се допаднале, а за кои веќе имам пишано на блогов. Сепак, ако конкретно оваа книга ја споредам со тие, биографијата на Ејми Полер ми е за неколку скалила подолу. Немав чувство дека е нешто многу поучна, иако искрено па и не знам од каде таквите мои очекувања – можеби поради споредбата со книгата на Мишел Обама или Тара Вестовер. На крајот ја оценив со три ѕвездички, иако сериозно на моменти размислував да ѝ дадам две, ама ете, ако ништо друго ми правеше убаво друштво додека извршував некои обврски низ дома. Но, и покрај тоа, слободно да кажам дека немаше апсолутно ништо да пропуштам ако не ја прочитав, односно преслушам, па дури и хуморот на Ејми не ми беше којзнае што. Не знам, можеби ќе ми се допаднеше повеќе ако бев нејзин фан и ако бев запознаена со нејзината работа. Вака имав чувство дека слушам некоја не толку импресионирачка биографија на извесна комичарка од Холивуд која нема баш што паметно да каже, а не ми е ни толку смешна.
Во секој случај, ако ништо друго ме натера малку повеќе да ги пребарам нејзините филмови, па почнав со Baby mama 🙂 Иако не бев баш нежна со коментарите во статијава, сепак решив барем да ѝ дадам шанса на Ејми да ме освои преку нејзините актерски способности.