Becoming: Мојата приказна – Мишел Обама

Пред да започнам да ги споделувам моите импресии од последата книга на Мишел Обама, најпрво морам да кажам дека ова е прв пат да читам нечија биографија. Има нешто кое отсекогаш ме одвраќало од полиците каде стојат нечии вистински животни стории, можеби поради тоа што сум била во заблуда дека нечиј реален живот никогаш нема да ми биде толку интересен како фикцијата, или барем онаа фикција која е инспирирана од вистински настани. Иако ете, можеби луѓето кои пишуваат за својот животен пат, сепак имаат што да кажат.
Последната книга на Мишел за само 15 дена по нејзиното објавување стана бестселер во САД, а за исто толку кратко време добивме и превод на македонски јазик, па каде и да погледнев кога беа во прашање книгите, ја среќавав нејзината. Решив барем да ѝ дадам шанса, искрено со доза на резерва, неразмислувајќи дека ќе ја завршам докрај. После толку прочитани книги, сакав да имам и нечија биографија на мојата листа, а освен тоа, Мишел ми е крајно симпатичен лик, па се одлучив токму за нејзината животна приказна.
Со оглед на тоа дека успеав да ја најдам и аудио верзијата, која Мишел самата ја чита, веднаш знаев дека ќе се одлучам за тој формат, од проста причина што навистина уживам да ја слушам. Пред да кликнам на копчето play, речиси и да не знаев ништо за нејзиниот живот и патот до Белата куќа, иако сум гледала многу нејзини интервјуа.

Becoming започнува со детството на Мишел, поточно нејзините најрани сеќавања од 4 годишна возраст па сè до моментот на вселување во новиот дом, откако нејзиниот сопруг по два мандати си заминува од претседателската функција. Ако и претходно ми беше симпатична, сега уште повеќе ја засакав, затоа што скоро и да не можете да му одолеете на нејзиниот шарм и харизма, на нејзината интелигенција, вокабулар и смисла за хумор. Книгата е поделена на три дела: Becoming me, Becoming us и Becoming more. Во текот на раскажувањето дознав многу работи за нејзиниот живот, почнувајќи од тоа какво детство имала и во какво семејство израснала, продолжувајќи со тоа како се борела против расизмот, стереотипите, луѓето кои ѝ кажувале дека не е доволно паметна и вредна за да успее да се запише на еден од најпрестижните универзитети во САД, за на крајот да ги победи сите и да ја започне својата кариера како адвокат. Оттука, почнува заедничката приказна со Барак, кој го запознава кога тој доаѓа на интервју во адвокатската канцеларија каде што работи таа. Додека раскажува за развивањето на нивната врска, полека и вие почнувате да ја засакувате нивната љубов, која поминала низ многу турбуленции, но успеала да го издржи тестот на времето, притисокот, одделното живеење, валканите игри во политиката и воопшто темпото на живот кое го диктира Белата куќа. Додека ја слушав, постојано размислував за тоа колку трпение, смиреност и бескрајно разбирање треба да има една прва дама, особено првата дама на САД. Ми беше интересно да ги слушам нејзините раскажувања за сите нешта кои ѝ се случувале следејќи го патот на Барак, без разлика на тоа дали биле среќни, трагични или едноставно смешни 🙂 Она што особено ме изненади е тоа колку искрена беше во раскажувањето за новиот претседател Трамп и нејзината разочараност по неговата победа на изборите. Можам слободно да кажам дека во тој дел беше без влакна на јазикот и без обид да остане неутрална и воздржана.

Генерално, од она што успеав да го видам, импресиите кај читателите се многу позитивни, до таа мера што јас навистина одамна немам сретнато книга со толку високи оценки и пофални коментари. Настрана политиката на Барак, кој можете да го сакате, да го мразите или пак воопшто да немате никакво дефинирано мислење за него, мислам дека Мишел ќе успее да ве освои со нејзината животна приказна.

Би можело да ти се допадне и ова...