What Lies Between Us – John Marrs

Нина никогаш нема да може да ѝ прости на Меги за она што таа го направила. И никогаш нема да може да ја пушти да си оди.
Велат дека секоја куќа има свои тајни, а во куќата што Меги и Нина толку долго ја делат заедно, не е ништо поразлично. Освен што, овие тајни не се закопани во минатото.
Секоја втора вечер, Меги и Нина вечераат заедно. Кога ќе завршат со вечерата, Нина ѝ помага на Меги да се врати во нејзината соба на таванот, каде секој ден седи заврзана во тешки ланци. Ова е само начин за Меги да ја плати цената за сите работи за кои Нина не може да ѝ прости.
Но, има многу работи за минатото што Нина не ги знае, а Меги се труди тоа да остане така – па макар и да не излезе жива од таа куќа. Бидејќи таму, вистината е поопасна од лагите.

Звучи ветувачки, нели? Покрај кратката содржина и позитивните коментари на Goodreads, кон книгата ме привлече и самиот факт дека е напишана од Џон Марс од кога ја читав „Вистинскиот“ – книга која ја оценив со 4 ѕвездички.
Скоро и да не можев да најдам негативни забелешки напишани за книгава и 99% од коментарите беа исполнети со толкава воодушевеност, што помислив дека нешто не е во ред со мене, или сум читала некоја сосема друга книга. Извинете, ама не. Не и не. Книгава беше тотален хаос и јас навистина не знам ни од каде да почнам…
На почетокот да нагласам дека главните ликови ми беа како извадени од серијата „Очајни домаќинки“ и мислам дека комплетно можам да ги сместам во некоја од куќите на Вистерија Лејн 😀 Нина навидум културна и прибрана млада жена, љубезна со соседите, колегите, случајните минувачи, но зад затворени врати ја држи нејзината мајка во синџири – па кажете дека ова не ви личи на дел од споменатата серија? 😀
Целата приказна почнува многу мистериозно, па почнувате да се прашувате – зошто Нина ја држи мајка ѝ заклучена и заврзана? Зошто од друга страна мајка ѝ Меги не се противи? Зошто Меги постојано со љубов и грижливост зборува за Нина? Зошто постојано се труди да ја заштити од вистината? Која е вистината? Што се случило?
Овие прашања ме водеа во текот на читањето и морам да признаам дека од таа причина ми го задржуваше вниманието. Раскажувањето тече од две перспективи – онаа на Меги и онаа на Нина, паралелно раскажани од сегашно и од минато време. Поглавје по поглавје, како што почнав да ги редам коцкичките, така ја склопував приказната, па многу работи предвидов и она што веројатно требаше да биде главниот пресврт на книгата (ако воопшто успеав да го детектирам во целиот тој хаос) за мене не беше никакво изненадување. Дури во втората половина веќе почнав да го губам интересот за читање.
Имам впечаток дека Џон Марс очајно се обидувал да постави толку многу пресврти во книгата, да го фрла читателот од една на друга страна, што на крајот сето тоа резултираше со тотален хаос во кој многу работи не ни имаат логика и смисла.
Не ми се допадна ниту крајот. Очекував на крај приказната да биде стокмена и врзана, но како да останаа многу пуштени конци – не е дека не сакам книги со „отворен крај“, но овде немаше ни обид за такво нешто.
Ликовите на Нина и Меги се комплексни и нивниот однос е многу комплициран, но на крајот ми останаа некои неразјаснети работи во врска со нив, особено тоа што некои нивни постапки не можев да ги разберам, ниту пак да ги согледам мотивите зад нив. Колку и да ни беа ставени причините на тацна, јас пак не можев да го оправдам нивното однесување. На почетокот се обидував да пронајдам емпатија кон нив, да се соживеам со она низ што поминале, односно поминуваат, но како што течеше приказната, јас само градев одбивност кон нив.

Ако се решите да ѝ дадете шанса на книгава, се надевам дека ќе бидете во мнозинството и дека ќе ви се допадне. Јас пак, ќе ве поздравам од спротивната страна 🙂

Би можело да ти се допадне и ова...