“Guilt” – Amanda Robson

Зара и Миранда се близначки кои отсекогаш имале нераскинлива врска. Иако карактерно се сосема различни, тие не можат да функционираат една без друга и заедно ги поминуваат најмрачните моменти од нивните животи, давајќи си меѓусебна поддршка.
Нивната врска ќе се смени откако Зара ќе го запознае Себастијан, кој ќе ја освои со својата харизма и шарм. Оттогаш, сестринството меѓу Зара и Миранда почнува да се менува, нивните односи се заладуваат и заоструваат, за на крајот да се свртат една против друга. Триаголникот во кој тие се заглавени, ќе заврши со убиство на Зара, ставајќи ја Миранда зад решетки. Умисла или самоодбрана? Љубомора и завист, или очај да се спасиш себеси?

Верувам дека како и мене, така и вас (барем малку) ве заинтересира кратката содржина. Очекував одличен трилер според оценките и позитивните коментари, но на крајот од мене доби само две ѕвездички.

Најпрво, морам да кажам дека книгата е ужасно напишана! Паралелно се дадени раскажувања од сегашноста и од минатото дадено од аспек на трите ликови одделно. Поглавјата се кратки, ликовите се менуваат многу брзо, па невозможно е приказната да ве „зароби“ и да ви дозволи да се поврзете со било кој од ликовите. Стилот на пишување е толку лош, што чувствував одбивност кон самото раскажување, па и читањето ми одеше многу тешко. Темпото е бавно, генерално нема многу настани, па целата книга би можела да ја прераскажам во десетина реченици.

Што се однесува до ликовите – ми беа фалични и недоизградени, беа многу бледи и правеа нелогични потези. Многу работи во приказната воопшто немаа смисла, па на моменти имав чувство дека читам книга напишана од дете.

Генерално, темите кои ги опфаќа книгава се многу чувствителни и комплексни, но беа многу лошо разработени. Цело време во текот на читањето очекував некој бомбастичен пресврт кој ќе ме остави подзината, нешто поради кое ќе замижам пред сите наведени забелешки. Сепак, тоа не се случи.

Кога вака ќе видам толку позитивни оценки и коментари на Goodreads за книга која јас сум ја оценила со двојка, се прашувам дали проблемот е до мене или до другите 🙂 А можеби и не постои проблем, само различни вкусови 😉

Би можело да ти се допадне и ова...