“Finding Emma” – Steena Holmes

Хармонијата во едно семејство се нарушува откако ненадејно исчезнува најмалата ќерка. И покрај сите обиди да ја пронајдат, на Ема ѝ се губи секаква трага и глас. Мајката Меган е толку очајна, што полека ги запоставува другите две ќерки, ја губи блискоста со сопругот Питер, нивниот брак се држи на конци, а сето тоа се одразува врз целото семејство.

Приказната не е лоша, иако мислам дека можело подобро да биде испланирана. Прво бев убедена дека сум ја предвидела од старт, после некако не бев сигурна и ми се вртеа други идеи во глава, за на крај веќе да знам како ќе заврши и што ќе се случи. Сепак, во ниту еден момент не помислив да ја оставам недочитана.
Гледам дека најголем дел од критиките на goodreads се однесуваат на Меган која ја прогласиле за најтипатичен лик, self-centered, self-absorbed and dislikeable. Јас не би ја критикувала толку, зашто нејзе како мајка најмногу ја погоди исчезнувањето на Ема и можев само да замислам колкава празнина чувствува. Ни на нејзе не ѝ беше лесно да ја бара својата ќерка во секое девојче со плава коса што ќе ја види на улица, во супермаркет, или во парк. Постојано луташе, животот го стави на пауза, така што можев да ја разберам.

Она за што ќе се согласам со повеќето критики е стилот на пишување. Многу сиромашен речник, кратки реченици, дури и забележав некои граматички грешки. Прво мислев дека нешто не е во ред со верзијата што сум ја симнала, дека можеби нешто се изместило при конвертирање и слично, ама откако прочитав неколку коментари на гр, видов дека не било така. Има книги кај кои раскажувањето тече лесно, ама оваа не е една од нив. На моменти имав чувство дека авторката како да се мачи да ја раскаже приказната, како да запнува на некои делови.

Во секој случај ќе ѝ дадам една тројка, ќе бидам малку дарежлива 🙂Сакам да ја прочитам и Emma’s Secret, веќе ми е на мени. Колку што прочитав, со таа книга се пополнуваат многу дупки што ги има во приказната од првата книга, а и наводно била многу подобра од оваа.

Би можело да ти се допадне и ова...