„Приказна на една мајка“ – Аманда Провс

Животот на Џесика тече подобро од сите нејзини очекувања и замисли. Таа си ја добива свадбата од соништата, го има совршениот маж, адвокатот Метју, и заедно купуваат прекрасна, скапа куќа во преубава населба. Најдоброто од сè е тоа што по само неколку месеци, чекаат дете.
Додека ја уредуваат детската соба и купуваат бебешки работи, таа упорно ја чека радоста што треба да ја донесе мајчинството. Но, искуството на Џесика е далеку од радосно и убаво. Зошто не ја трансформираат мајчински чувства? Каде е сè што треба да дојде – каде е таа инстантна љубов што треба да ја чувствува за нејзиното дете?
Никој ја нема предупредено дека да бидеш мајка може да биде страшно и извор на нездрава осаменост. Никој ѝ нема кажано дека не сите жени ги сакаат своите бебиња. Можеби е најдобро Џесика сега засега да си ја чува оваа тајна за себе…

Не се сеќавам кога последен пат некоја книга ми предизвикала толку дијаметрално спротивни чувства. Поглавјата кои во фокусот го имаа почетокот на врската на Метју и Џесика, запознавањето со нивните родители, предлогот за брак и самата свадба, ми беа лесни и забавни за читање, дури и ме засмејуваа некои сцени и многу лесно ги засакав и двајцата како ликови. Наспроти тоа, поглавјата кои следеа по породувањето на Џесика ми беа мрачни и ми носеа чувство на гнев, тага, а крајот дури и ме расплака.

Раскажувањето течеше паралелно, односно од една страна гледавме како се развиваше врската меѓу главните ликови, а истовремено преку нејзините дневници ја следевме Џесика откако станала мајка. Таа се бори со постпородилна депресија, па онаа Џесика која ја запознавате на почетокот како лик, повеќе не е истата Џесика откако добила нова животна улога. Па така, додека наизменично ја следите приказната во двете временски рамки, имате чувство дека читате за два различни ликови и дури не можете да си поврзете како една весела и ведра девојка која едвај чека на свет да го донесе нејзиното малечко, се претвора во личност која полека, но сигурно тоне во мрак. Џесика не може да го поднесе нејзиното бебе и секој звук кој тоа го испушта е како експлозија во нејзините уши. Секоја обврска околу нејзиното бебе ја истоштува и мрази да ја прави. Сè што Џесика сака да прави е да спие. Зашто е уморна, многу многу уморна. Но, тој замор што неа ја мачи – не се решава со спиење…

Темата која ја допира оваа книга е многу чувствителна, но многу реална. И дефинитивно тема на која треба многу повеќе да се зборува. Впечатокот кој јас го имам стекнато е дека кај нас генерално депресијата не е сфатена и прифатена со потребната сериозност, а постпородилната депресија особено. Луѓето често ваквата состојба ја поистоветуваат со физичка исцрпеност, стрес и недостаток на сон, а сето тоа како резултат на новата улога која една жена ја добива. Но, постпородилната депресија е нешто поинакво и поголемо, а она кое можеме да го заклучиме од книгава е дека може да му се случи секому. Дури и кога бременоста е посакувана, дури и кога жената е апсолутно подготвена за мајчинство, дури и кога бебето е исчекувано со огромна радост, дури и кога идната мајка никогаш претходно во животот не се соочила со некакви депресивни епизоди. И токму поради недостатокот од (најпрво) препознавање на оваа состојба, а потоа и добивање помош, поддршка и разбирање од најблиските, многу жени се препуштени сами во борбата која многу често почнуваат да ја губат.

Навистина ми се допадна книгава, не само заради темата и начинот на кој ја обработуваше, туку и заради самиот стил на пишување – иако беше тешка, јас прелетував низ страниците и постојано бев гладна за уште едно поглавје.

Ја препорачувам. Секому.

„Знаеш, Лили, тоа е заговор, ѝ реков. Сите тазе породени жени пливаат во базен од жив песок и те викаат од неговите длабочини, ти мавтаат и се смеат и велат, ‘Ајде дојди, водата е прекрасна!’, па ти скокаш внатре и речиси веднаш почнуваш да тонеш и дури кога се доближуваш до нив гледаш дека сите имаат панични изрази на лицата, но тогаш веќе е предоцна затоа што цврстото тло под твоите нозе е нешто што никогаш веќе нема да го почувствуваш. Никогаш. И товар е. Навистина.“

„Сите разговараа за неа, а никој не разговараше со неа.“

„Се сеќавам дека татко ми еднаш ми рече, ‘Биди трпелива во мрачните денови затоа што тие поминуваат’. Тоа е лага затоа што некогаш не поминуваат, понекогаш само уште повеќе се замрачуваат и се замрачуваат и на крајот веќе не гледаш ништо, само се тетеравиш во темница, обидувајќи се да не се препнеш.“

Би можело да ти се допадне и ова...