The Art Forger – B.A. Shapiro

На 18 март 1990 година, тринаесет уметнички дела вредни над 500 милиони долари се украдени од музејот Изабела Стјуарт Гарднер во Бостон, во филмски грабеж кој останува најголемата нерешена мистерија во областа на уметноста.

Клер Рот е млада уметница која заработува за живот репродуцирајќи познати уметнички дела. Очајна да ја подобри нејзината финансиска состојба, таа склучува зделка со Ејден Маркел, моќен сопственик на галерија, со што запаѓа во тешки сплетки и интриги. Таа се согласува да фалсификува уметничка слика – ремек дело на маестралниот Едгар Дега, една од уметничките слики украдени од музејот во Бостон. За возврат, Ејден ѝ ветува самостојна изложба на Клер, преку која таа ќе добие можност да се докаже во светот на уметноста. Сепак, кога сликата на Дега завршува во нејзиното студио, таа почнува да се сомнева дека истата е фалсификат. Работејќи со години како фалсификатор на уметнички слики, познавајќи ги техниките, а особено проучувајќи го стилот на Дега, Клер почнува сериозно да верува во тоа дека она што го гледа пред неа не е оргиналното дело.
Цврсто решена да започне потрага по вистината, Клер заглавува во лавиринт од измами каде тајните скриени во деветнаесеттиот век, можат да бидат единствениот доказ што може да го спаси нејзиниот живот.

На оваа книга налетав сосема случајно и не чекаше многу долго на мојата to-read листа, туку веднаш се впуштив во мистериозната приказна на создавањето на ремек-делото на Дега, а потоа и неговото исчезнување по ограбувањето на музејот, настан кој инаку е инспириран од вистински грабеж.
Книгата е раскажана низ три временски рамки – прво ја следиме Клер во сегашноста и нејзиниот обид да направи достоен фалсификат на сликата, потоа ја следиме Клер за време на нејзините студентски години и нејзината афера со професор кому му се восхитувала, а повремено ја спознаваме приказната на Изабела, жената која е насликана на уметничкото дело на Дега, преку нејзините писма адресирани во нејзината внука.
B. A. Shapiro всушност измислува уште еден, петти дел од серијата уметнички слики на Дега насловени како After the Bath, а оваа книга ја следи судбината на последниот дел и тоа како бил создаден. Додека ја читав ме потсети на филмот Incognito (во случај да не сте го гледале, препорака од мене) – дел од техниките ми беа познати од таму, па имав претстава за тоа како изгледа процесот на фалсификување.
Што се однесува до самата книга, ми се допадна, иако бев малку скептична заради многуте спротивставени коментари на Goodreads. Имав ниски очекувања, но решив да ѝ дадам можност. Беше интересна комбинација на историја, мистерија и уметност, со повеќе различни ликови и елементи. Ми се допадна како спој, но сепак решив да ѝ дадам некоја средна оценка. Не можам точно да утврдам што не ми се допадна, можеби нарацијата на аудио книгата има удел во тоа, можеби затоа ликот на Клер ми беше во одредена доза антипатичен. Можеби и повеќе ќе ми се допаднеше ако ја читав во печатена или е-форма. Сепак, во секој случај ја препорачувам, особено ако ве интересира уметност со доза на мистерија 🙂

Би можело да ти се допадне и ова...