„Каде е Елизабет“ – Ема Хили

82-годишната Мод постепено го губи помнењето, со тоа и контролата над секојдневниот живот. Сепак, не прифаќа да ја заборави својата најдобра другарка Елизабет, убедена дека исчезнала и дека е во страшна опасност. Но, никој не сака да ја слуша Мод – ниту нејзината огорчена ќерка Хелен, ниту негувателките, ниту полицијата, а особено не Питер, користољубивиот син на Елизабет. Наоружана со белешките што си ги испишува самата на себе – нејзината хартиена меморија – како и со несовладливото претчувство дека на Елизабет ѝ е потребна нејзината помош, Мод се обидува да ја разоткрие вистината и да ја спаси саканата пријателка. Оваа опсесија станува темел на уништената сегашност на Мод. Но, патоказите што ги открива како да ја водат сѐ подлабоко во минатото, кон едно друго неразјаснето исчезнување: исчезнувањето на нејзината сестра Суки, набргу по завршувањето на Втората светска војна. Додека како порој ѝ се враќаат живите сеќавања на трагедијата од пред повеќе од половина век, Мод пронаоѓа нови потстреци во потрагата по својата пријателка. Можеби мистеријата околу исчезнувањето на Суки крие патоказ што води до Елизабет?

Прво нешто кое веројатно би сакала да го кажам за книгава е тоа дека пожелно е да ја читате со малку поголемо внимание, со оглед на фактот дека целата книга е патешествие низ умот на Мод која, како што можевте да прочитате погоре, страда од деменција. Тоа во превод значи дека нејзините мисли постојано лутаат од сегашноста кон минатото, преку поистоветување на еден лик со друг, на еден настан со друг, па во текот на читањето можете да се фатите во момент кога нема да знаете како од дневната соба на Мод во која таа седи со нејзината ќерка, сме преминале во родителската куќа на Мод во времето кога таа била млада девојка. Сепак, тоа нека не ве обезхрабрува да ѝ дадете шанса на книгава, зашто и не е толку хаотична колку што можеби на почетокот ви ја претставив 🙂
Што се однесува до самата приказна – очекував да е малку помистериозна, можеби и крајот да е малку пошокантен и неверојатен, но мислам дека лесно ќе заклучите некои работи, можеби уште од самиот почеток.
Она што веројатно е клучна забелешка кај оние на кои не им се допаднала книгава е фактот што во многу делови се повторува, генерално заради тоа што Мод како главен лик го губи помнењето, па многу работи ги повторува затоа што заборавила дека ги кажала, многу прашања по неколку пати ги поставува затоа што заборавила дека веќе добила одговор и секако, постојано вели дека нејзината најдобра пријателка Елизабет е исчезната. Целото тоа повторување може да биде иритирачко, па можеби дури и да изгубите нерви во текот на читањето 😀 Поради тоа може и да не ве влече понатаму да ја читате, баш напротив. Јас лично некако бев сталожена додека ја слушав аудио верзијата и тоа додека редев сложувалка од 1000 парчиња, па можам да кажам дека ми беше добар тренинг на нервите 😀 😀 Ја оценив со 3 ѕвездички – некој просек, бидејќи иако очекував повеќе, сепак не мислам дека беше до толку лоша. Неодамна по книгава е сниман и филм кој секако би сакала да го погледнам, чисто затоа што ме држи љубопитност за тоа како е склопен и како се доловени мислите на Мод.

Би можело да ти се допадне и ова...