Those Other Women – Nicola Moriarty

Попи и Гарет имаат среќен и долгогодишен брак – немаат деца, но и двајцата имаат исти животни планови и желби и никогаш не ни сакале да станат родители. Сепак, светот на Попи се превртува кога дознава дека Гарет ја изневерил со нејзината најдобра пријателка. И не само тоа – тие двајца очекуваат бебе, а тој ѝ признава дека сепак длабоко во себе отсекогаш сакала да стане татко.
Нејзината колешка Аналис која и самата не е заинтересирана да стане мајка, ѝ станува нова најдобра пријателка на Попи. Се чини дека и двете се на истата бранова должина, па лесно стануваат блиски и решаваат да го прошират кругот – заедно креираат Фејсбук група за жени кои не сакаат да имаат деца, а наскоро групата почнува да добива многу нови членови кои почнуваат да ги споделуваат нивните животни приказни и причините поради кои не сакаат да станат мајки.
Во групата, членовите почнуваат да зборуваат за тоа како нивните колешки кои се мајки, често го користат и злоупотребуваат тоа за да добијат нешто повеќе, на пример подоцна да дојдат на работа, или порано да заминат бидејќи имаат обврски со нивните деца. И не само тоа – тие коментираат за тоа како мајките често мислат дека светот е нивни, па не внимаваат на своите деца кога се во јавност, ниту им е грижа за другите. Работите бегаат надвор од контрола кога во групата, Попи ќе постави предизвик и ќе ги охрабри членките да им се спротивстават на мајките во секоја таква ситуација. Во меѓувреме, за ова дознаваат членките на групата во која членуваат мајки, па наскоро меѓу нив избива вистинска војна која од социјалните мрежи, се префрла во реалноста.

Понекогаш ми е многу жал што Goodreads нема опција за оценки на половина, бидејќи конкретно оваа ми беше некаде измеѓу 3 и 4, но на крајот сепак се одлучив за помалата оценка. Ми се допадна, но искрнео кажано очекував многу повеќе, бидејќи ми беше препорачана и пофалена, па одамна ја имав на мојата листа за читање.
Инаку, Никола Мориарти можеби ви е незвучно име, но затоа сигурна сум дека ја знаете нејзината сестра Лиен, чии книги се преведени на македонски и можете да ги сретнете во нашите книжарници.
Ја сакам Лиен и нејзините книги, па самото тоа што Никола е нејзина сестра, како да ми беше причина плус да посегнам по некој од нејзините наслови 🙂

Книгава мислам дека би била одличен избор за некој читателски клуб, бидејќи има многу теми за кои може да се дискутира. Мислам дека прв пат читам книга во која има толку многу женски ликови 😀 А низ сè она што се случуваше, можевме јасно да ја видиме поделеноста меѓу нив и тоа не само меѓу мајки и не-мајки, туку и меѓу жени кои немаат деца затоа што сакаат и жени кои немаат деца затоа што не можат, мајки кои додека се грижат за своите деца работат со полно работно време, наспроти оние мајки кои седат дома, добри мајки, лоши мајки и еден куп други поделби меѓу жените кои наместо да си помогнат една на друга, тие меѓусебно се осудуваат. Истовремено, книгата зборува и за тоа како се гледа на улогата мајка, наспроти улогата татко и колку се различни очекувањата од нив двајца, иако родителот е родител, без оглед на полот. Зборува и за тоа дека колку и да сме сигурни дека не сакаме да имаме свои деца, кога непланирано ќе ни се пружи таква шанса, срцето ни вели друго.

Приказната е повеќеслојна и опфаќа многу теми во кои верувам дека секој читател може да си го пронајде своето место и да се препознае. Ми се допадна тоа што ликовите беа убаво обработени и во ниту еден момент не почнувствував дека Никола тежнеела кон било кој табор, баш напротив – беше дадена сечија перспектива, па јас како читател почнував да имам разбирање за секого.
Сепак, имаше нешто во стилот на раскажување што не ме влечеше толку за да читам понатаму, особено на почетокот, кога сè уште како да не бев навлезена во приказната. Лесно ја оставав книгата во било кој момент од читањето, но тоа не значи дека е лоша, само дека можеби начинот на раскажување не е по мој вкус 🙂

Би можело да ти се допадне и ова...