Summer of ’69 – Elin Hilderbrand

Добредојдовте во најтурбулентното лето на дваесеттиот век! 1969-то, година која за семејството Левин ќе означи почеток на некои нови времиња. Секоја година децата едвај чекаат да го поминат летото со својата баба во Нентакет, но оваа година секој од нив е со сопствени проблеми и обврски. Најстарата сестра Блер се преселува во Бостон со својот сопруг, бремена е со близнаци и не може да патува. Средната сестра Кирби, која студира за да стане медицинска сестра, е уапсена за време на простестите за граѓански права, а потоа наоѓа летна работа заедно со нејзината најдобра пријателка Мери. Единственото машко дете во семејството, Тајгер, заминува во војна во Виетнам. Сама останува најмалата сестра, тринаесетгодишната Џеси која одеднаш се чувствува како единствено дете во семејството. Додека летото полека пристигнува, Тед Кенеди предизвикува сообраќајната несреќа во која загинува неговата сопатничка Мери, а Америка се спрема за слетување на Месечината.

Имам некоја love-hate relationship со Елин и искрено кажано чувствував некоја скептичност кога посегнав по книгава, но морам да признаам дека од сите нејзини книги кои сум ги прочитала, оваа најмногу ми се допадна. Знам дека можеби краткото сиже и не делува толку привлечно, но мене многу пријатно ме изненади. Има некои вистинити настани кои реално се случиле летото ’69-та (пример слетувањето на Месечината и сообраќајката на Кенеди) а дополнително Елин ги врзала со некои вистинити настани од нејзиниот живот, за што зборува после последното поглавје.
Ова е една од оние книги каде во игра се многу ликови и сите нив паралелно ги разгледуваме – нивната позадина, нивната сегашност, нивната приказна генерално. Некои книги од тој тип ми биле заморни, затоа што сум чувствувала неможност да ги следам сите истовремено и да запамтам што кому му се случило, но овојпат не беше така. Лесно ги надополнував ликовите и ги врзував еден со друг како во сложувалка, чекор по чекор како што се ткаеше приказната за семејството Левин.
Ми се допаднаа ликовите и секој од нив беше убаво изграден и прикажан во вистинско светло. И тука веројатно ќе ја дадам мојата прва забелешка и нешто што не ми се допадна, а тоа е дека одредени постапки на ликовите, особено при крајот на книгата, ми беа несвојствени за нив. Низ раскажувањето полека ги спознававме нивните карактери и ги запознававме како личности, но некои од нивните постапки ми беа нетипични за нив. Мислам дека причината поради тоа што Елин така решила да го изведе тоа, е што во спротивно ќе си отворела дополнителна работа и неизбежни дополнителни страници во книгата за да ги реши тие конфликти.

Друго нешто што ми недостасуваше во книгата беше малку повеќе живописни описи на сцените каде што се одвиваа настаните. Самиот наслов и корицата на книгата вриштат лето, плажа, сонце, но во раскажувањата отсуствуваше тој летен шмек. Дури вака кога ќе се навратам на читањето, сфаќам дека некои од сцените сум си ги замислувала во некој недефиниран простор, ми поминале како низ магла, затоа што сум немала доволно детален приказ во кој што ќе можам да ги сместам.

Сепак, генерално земено ми се допадна и ви ја препорачувам ако сте расположени за некој роман кој што обработува историски настани и малку семејна драма 🙂

Би можело да ти се допадне и ова...