The Teacher – Katerina Diamond

Телото на директорот на едно престижно училиште во Девон е пронајдено како виси на гредите во училишната зграда. Неколку часови претходно, добил пакет чија порака единствено тој можел да ја разбере. Пораката значела дека е крај.
Додека градот се соочува со поголем број смртни случаи, загрижените детективи Имоген Греј и Адријан Мајлс мораат да го решат случајот, за нивниот град повторно да стане безбедно место за живеење.
Но, како што полека се вовлечени во мрежа на корупција, лаги и искористување, така секој нивни чекор ги приближува до мрачните тајни скриени во срцето на нивната заедница на живеење.
И штом ќе дознаат какви мотиви стојат зад делата на убиецот, се прашуваат: Дали навистина сакаат да го запрат?

Она што веројатно најмногу ме привлече кај книгава додека одбирав што следно да читам, беше тоа што во кратката содржина стоеше предупредување: Most definitely not for the faint-hearted!
Не би рекла дека имам чувствителен стомак, иако имам читано книги чии сцени ми предизвикувале мачнини и гадење во буквална смисла. Уште на самиот почеток да напоменам дека конкретно оваа и не беше толку страшна – ако сте љубители на трилери, веројатно сте наишле и на пострашни сцени со измачувања. Конкретно во оваа книга, не е дека имаше пеперутки и еднорози, но сцените не беа до толку живописни за да ми биде мачно да ги читам. Така што, даденото предупредување не ги исполни моите очекувања – ова не е некаква критика спрема самата книгата, туку едноставно го напоменувам ова за сите кои би сакале да ја прочитаат.

Вообичаено кога читам трилери сакам да се обидувам да предвидам што ќе се случи, каква приказна стои зад сите настани, кој е убиецот и кои биле неговите мотиви, но овојпат фокусот и концентрацијата повеќе ги потрошив на тоа да успеам да сфатам кој лик со кого е поврзан. Книгата е една цела мрежа од ликови, секој од нив со своја приказна, па вниманието ми избега на тоа да успеам да ги поврзам. Да бидам целосно искрена, дури и сега не сум баш 100% сигурна дали знам да објаснам кој лик во кои настани беше вмешан. Освен тоа, поглавјата постојано „шетаат“ од минатото во сегашноста и обратно, па тоа дополнително ми отежнуваше. Можеби ќе ми беше полесно ако ја читав книгата, наместо да ја слушам аудио верзијата, бидејќи имам фотографска меморија, па можеби читањето на името на секој лик ќе ми олеснеше во тоа соодветно да го сместам во целата мрежа. Тука ќе се надоврзам на она што не ми се допадна – мислам дека животните приказни и трауми од минатото на дел од ликовите, беа премногу за да се сместат во една книга. Знам дека ова е првиот дел од серијалот на Катерина Дајмонд и можеби се должи токму на тоа – можеби во следните продолженија повеќе се разглобуваат овие приказни, можеби се врзани понатаму во следните делови и се надополнуваат. Ако решам да продолжам понатаму со серијалот, ќе дознаам дали забелешката ми била на место 🙂

Во останатите делови ми се допадна – приказната беше мрачна и морничава и ми го задржуваше вниманието за и понатаму да ја слушам. Прочитав дека ова е дебитантски роман на Катерина и морам да признаам дека со оглед на овој факт, би рекла дека одлично си ја завршила работата. Забележав дека останатите продолженија од серијалот имаат повисоки оценки, така што по сè изгледа се подобрувала со секое наредно пишување.

Би можело да ти се допадне и ова...