„Игра на лагите“ – Рут Веар

Пораката пристигнува доцна во ноќта. Само два збора: Ми требате. Иса веднаш го остава својот секојдневен живот зад себе, ја зема својата шестмесечна ќерка и се упатува кон Салтен. Во тамошниот интернат, сместен во близина на селото, ги поминала пресудните денови од својот живот, денови чија сенка сè уште се надвиснува над неа. Во училиштето, заедно со своите три најдобри другарки обожавала да ја игра Играта на лагите. Се натпреварувале кој подобро ќе ги убеди луѓето во бесмислените приказни и лаги. Сега, седумнаесет години подоцна, на плажата е пронајдено нешто ужасно. Нешто што ќе ја принуди Иса да се соочи со своето минато, заедно со трите жени што ги нема видено многу одамна, но кои никогаш не ги заборави. Нивната повторна средба воопшто не е пријатна: Салтен не е безбедно место за нив, не по она што го направиле во минатото. Време е четирите пријателки да ги усогласат своите приказни…

Не можам точно да одредам од која причина, но книгава одамна ја имам, а сè нешто ме одвраќаше од неа. Отпосле видов дека е преведена и на македонски јазик, што некако ме убеди да ѝ дадам шанса, зашто потсвесно ми влијае помислата дека нашите издавачки куќи прават добра селекција на книги што ќе ѝ ги понудат на нашата читателска публика 🙂
Со оглед на тоа дека ја слушав во аудио формат, на почетокот ми беше малку тешко да ги разграничам ликовите и кој каква животна приказна има, бидејќи се дадени една по друга. Сите четири пријателки имаат свој „куфер“ и сите си имаат свои проблеми, но оставаат сè кога ќе се појави опасност нивното минато од Салтен да биде откриено. Всушност, тоа е единственото нешто што ги врзува нив четири – нивната врска во текот на тие 17 години опстојува само заради еден настан кој може да им ги уништи животите.
Во текот на приказната се испреплетуваат минатото и сегашноста, паралелно се даде сцени од тогаш и сега, почнувајќи од запознавањето на четирите другарки, нивните дружби, играње на играта, а во сегашноста нивните животни околности и проблеми, поточно како секоја од нив се справува со тајната од минатото која ги прогонува.
Имаше некоја мрачна атмосфера во текот на раскажувањето, па додека ја слушав баш такво чувство ме носеше низ приказната, а и самите сцени ги замислував такви. Иако крајниот расплет не го предвидов, некои пресврти ги очекував, а некои елементи на приказната мене лично не ми се допаднаа. Сепак, ми го држеше вниманието од почеток до крај. Ја препорачувам.

Би можело да ти се допадне и ова...