Нови книги кои ќе бидат издадени во месец јуни

Календарот веќе ни го најави првиот месец од летото, а тоа значи многу повеќе слободно време за читање 🙂 Барем за повеќето 😀 Goodreads објави листа со многу нови книги кои ќе бидат издадени во текот на овој месец, а меѓу нив има и чик лит наслови кои се одлични за на плажа. За вас одвоив три 🙂

Да почнеме со најновата книга на Софи Кинсела, I Owe You One, која ми се чини како одлична приказна за летно опуштање, макар и дома, со ладно нес кафе во рака 🙂
Фикси отсекогаш живеела под мотото на нејзиниот татко: „Семејството е на прво место“. А откако нејзиниот татко умира, оставајќи ја неговата шармантна продавничка во рацете на неговата сопруга и деца, Фикси го поминува целото време обидувајќи се да ги држи работите под контрола. Ако таа не ги земе конците во свои раце, кој ќе го стори тоа? Фикси има една мана – не може да каже не. Па затоа, кога еден непознат дечко по име Себастијан ќе ѝ пријде во кафуле, таа не може да ја одбие неговата молба за да му го причува лап топот. Тој е згоден и паметен, а згора на сè – ѝ ја остава неговата визит картичка. Во меѓувреме, љубовта од детството се враќа во животот на Фикси. Рајан е невработен, а Фикси го користи овој момент за да го замоли Себастијан да му најде работа. Се чини како таа да сака да им го среди животот на сите околу неа, освен самата на себе. Ќе успее ли конечно да го има животот кој таа го посакува?


Продолжуваме со уште една easy-read книга, чија корица веднаш ме освои зашто ми дојдоа многу убави чувства и спомени 🙂 Џени Колган го продолжува нејзиниот Scottish Bookshop серијал со второто продолжение под наслов The Bookshop on the Shore.

Очајна да избега од Лондон, самохраната мајка Зое сака да изгради нов живот за себеси и за нејзиниот син Хари. Таа едвај може да си дозволи мал стан на прометна улица, каде што заради свирежите и викањето на фудбалските навивачи остануваат будни цела ноќ. Таа знае дека ако наскоро не најде излез оттаму, ќе полуди. Без многу размислување, таа се пријавува на огласот за дадилка во едно далечно место на периферијата, далеку од урбаниот живот. Звучи неверојатно! Она што не го знае е дека грижата за три темпераментни деца кои живеат само со својот татко вдовец, ќе биде толку исцрпувачка. Сепак, мирната и живописна локација е сè што не е Лондон, а на Зое тоа ѝ е сосема доволно. Со помош на Нина, пријателски настроената продавачка на книги, Зое почнува да се приврзува за околината. Дали книгите, свежиот воздух и љубезноста се доволни за да се излекува скршеното семејство?

За крај имаме книга која е всушност комбинација од две посебни приказни, напишани од Сузан Вигс и Шејла Робертс, а под насловот The Summer It Begins.

Првата приказна со наслов The Goodbye Quilt, раскажува за Линда Дејвис која што ја носи нејзината ќерка Моли на другиот дел од земјата за да студира на колеџ. Како што нејзината ќерка единка се подготвува за оваа голема промена, Линда е растегната меѓу возбуда и болка. Таа чувствува дека без нејзината најголема улога „мајка“ е никој и ништо. За време на патувањето, Линда се присетува на спомените кои го сочинуваат животот на Моли. Но, сепак таа сфаќа дека креирањето нови спомени е исто толку важно колку и негувањето на оние од минатото.
Втората приказна под наслов A Wedding on Primrose Street раскажува за Ана Ричардсон – организатор на свадби која си ветува себеси дека кога нејзината ќерка ќе се мажи, нема да биде толку напорна како оние мајки кои ги запознава во текот на нејзината работа. Сепак, сите ветувања пропаѓаат во вода кога нејзината ќерка Ланеј почнува да се подготвува за големиот ден. Ана станува опседната со тоа на својата ќерка да ѝ ја овозможи совршената свадба која таа самата ја немала. Ана е професионалец и е одлична во организирање на свадби, но дали е доволно добра во тоа да изгради стабилен однос со нејзината ќерка?

Би можело да ти се допадне и ова...