Имиња на ликовите – колку се важни за една книга?

Досега на мојов блог имам пишувано за тоа како се прави изборот на наслови и корици на книгите, а овојпат инспирирана од последната книга која ја прочитав, решив вниманието да го свртам кон изборот на имиња за ликовите. Имено, она што ме натера да размислам на оваа тема беше тоа што во книгата Don’t You Forget About Me, главниот лик се вика Џорџина – име што мене ме асоцираше на ликот од Mean Girls кој го игра Рејчел Мекадамс 😀 Двата лика се тотална спротивност една на друга, но ете, додека ја читав книгата самото име постојано ме потсетуваше на злобната и самобендисана средношколка која секогаш сакаше да биде центар на внимание 😀 Па тука почнав да се прашувам – како писателите ги одбираат имињата за нивните ликови? Дали следат одредени правила, дали имаат некакви техники? Дали седнуваат со лексикон во рака и бираат име како за своето неродено дете? 😀 Факт е дека името на еден лик е многу важна негова карактеристика, бидејќи преку истото го добиваме првиот впечаток за него. Само замислете си во глава на пример неколку рандом женски имиња – верувам дека секое од нив го замислувате во различна човечка форма 🙂

Таквата различна перцепција прво може да доаѓа од реален или фиктивен лик кој го носи истото име, а кој го врзувате за одреден впечаток, што секако дека е доста субјективно. Но, исто така, може да доаѓа и од тоа како звучи самото име и кое е неговото значење. Првото нешто на кое писателите обрнуваат внимание во изборот на името на еден лик е неговото значење. Иако можеби не секој читател ќе го знае значењето на некое конкретно име, можеби ќе го претпостави.

Едно е да го напишете името, друго е да го изговорите на глас – впечатокот може да биде различен. Ова е особено важно доколку една книга добие и своја аудио верзија – дали името звучи доволно јасно? Дали при читањето, слеано со презимето е доволно разбирливо? Дали е лесно да се изговори? На пример, колку и да е уникатно името Хермиона, многу читатели на Хари Потер не го изговарале нејзиното име како што треба, сè додека не го изгледале првиот филм 🙂 Кога сум веќе кај Хари Потер, некогаш имињата на ликовите кријат некакво значење, како што беше анаграмот зад кој се криеше Лорд Волдеморт.

Друго нешто кое исто така е важно е името да соодветствува на временскиот период во кој се одвива дејствието во книгата. Без разлика дали пишуваат историски роман, роман кој се одвива во сегашно време, или пак роман кој обработува настани во иднината, писателите внимаваат на тоа покрај останатите елементи, и самите имиња на ликовите да се поклопуваат со временската рамка. Како алатка која често им служи на писателите во пишување на историски романи, се статистичките податоци за најпопуларни машки и женски имиња во конкретната година, податоци кои во некои држави се јавно достапни. Замислете само Џорџ Мартин во Игра на тронови да употребеше модерни имиња, па место Серсеи Ланистер да ја имавме… Сара Смит?

Исто како што треба да соодветствува на временскиот период, името треба да одговара и на самото потекло кое го има конкретниот лик. На пример, додека ја пишувала книгата The Actress, американската писателка Елизабет Симс била во потрага по соодветно име за еден од ликовите кој имал јапонско потекло. Иако името Gary Kwan ѝ звучело сосема соодветно и истото го употребила, сепак на крајот после илјадници испечатени примероци, веќе доставени до книжарниците, дознала дека презимето Kwan е всушност кинеско.

Во креирање на личните имиња, писателите избегнуваат имиња кои се звучни и асоцираат на ликови за кои ретко кој не слушнал – каква визија во глава имате ако на пример ви кажам дека ликот во мојата книга се презива Обама?

Дополнително, значи и тоа за каков жанр на книга станува збор. Какво име ќе ѝ дадете на женски лик кој е во потрага по љубовта на нејзиниот живот во чик-лит приказна, а какво на женски лик кој е во потрага по одмазда за нејзиното убиено семејство во некој морничав трилер? Не случајно Томас Харис го крсти својот лик Ханибал Лектор 😀

Освен белезите на самиот лик, во одредување на името е важна и релацијата со останатите ликови. Па така, писателите одбегнуваат да користат имиња кои се слични или имаат слично потекло, бидејќи тоа може да создаде конфузија кај читателите. Сè уште ја памтам „Ако не постои утре“ каде Мисо решил целосно да ме збуни со ликови кои ги крстил Ема, Емили, Ејприл 😀 На моменти ми беше тешко да ги разграничам, особено првите две. Не само што одбегнуваат слични имиња, туку писателите одбираат и имиња кои започнуваат на различни букви, од причина што читателите често и не ги дочитуваат целосно имињата, па ликовите ги врзуваат само за првата почетна буква 🙂

Во недостиг на инспирација, писателите понекогаш бараат помош од својата читателска публика – така на пример при пишување на „Верити“, Колин Хувер им се обрати на своите читатели за предлози за имиња на нејзините ликови, велеќи дека „официјално ги исцрпела сите имиња кои ѝ се допаѓаат.“ 🙂 Ова не беше прв пат таа да побара помош од нејзините фанови – при пишувањето на The Girl, книга која е третиот дел од серијалот Slammed („Само пријатели“) таа со потпишана книга ги награди читателите чии предлози најмногу ѝ се допаднаа, а кои подоцна ги употреби во книгата.

Додека ја пишував оваа статија, на мојот инстаграм профил ве прашав дали ви значат имињата на ликовите, за што поголемиот дел од вас одговорија дека име си е име 😀 Иако најчесто спаѓам во мнозинството на ваквите анкети кои ги поставувам, овојпат е исклучок. Причините? – Мислам дека доволно ги образложив во оваа статија 😉

Би можело да ти се допадне и ова...