Toddlers Are A**holes: It’s Not Your Fault – Bunmi Laditan

Иако имаме уште неколку месеци до крајот на годинава, мислам дека со сигурност можам да ја прогласам оваа книга за најлошата која сум ја прочитала во оваа 2022-ра. Да можев, ќе ја оценев со нула ѕвездички.
Ова не е прва книга врзана за родителство која ја читам, иако останатите биле напишани во многу поинаков стил. Сепак, си реков да ѝ дадам шанса зашто прочитав доста позитивни коментари, па баш сакав да прочитам и нешто забавно и интересно. Сепак, на крајот се покајав што воопшто се одлучив да ја прочитам.
Книгава на Goodreads е ставена во категории каде што дефинитивно не припаѓа. Self help – не е. Humor – дефинитивно не е. И да се разбереме – не е дека јас немам смисла за хумор, но овде ми немаше апсолутно ништо смешно.
Некако уште самиот наслов малку ме одвраќаше од идејата да ја читам, но коментарите беа толку пофални, што си реков дека не треба предвреме да ја судам ниту по корицата, ниту по насловот.
Ако треба накратко да ја опишам книгава, тоа би звучело вака: Вашите деца ви се најголеми непријатели.
Просто не можам да си поверувам со колку негативни чувства ја слушав (аудио верзијата). Мислам дека на сите ни е јасно дека родителството е најтешката работа на светот, особено кога се мали деца (или т.н. тодлери) во прашање кои постојано ги тестираат твоите граници, секој ден е предизвик и не си ни свесен со што можеш да се соочиш, но книгава едноставно ги преувеличува сите тие работи и ги дава како единствената вистина. Нешто кое ме држеше да не ја оставам на сред слушање, беше помислата дека можеби на крајот се сумирани и оние убави нешта (кои преовладуваат, или барем така треба да биде) а кои ги носи родителството. Но, не го добив тоа. Книгава е исполнета со одбивност од прва до последна страница. Напишана е на многу лош јазик, често се среќаваат пцофки, па во глава постојано имав претстава за мајка која е констанстно нервозна и во лошо расположение. Дури додека ја слушав не можев да не си се запрашам дали оваа мајка која ја напишала, барем во некој одреден момент од секојдневието ужива во мајчинството.
Не ја препорачувам.
За крај, во контекст на насловот, само ќе додадам: Toddlers are not a**holes, and if you think that, it’s your fault.

Би можело да ти се допадне и ова...