The Missing Sister – Dinah Jefferies

Бурма, 1930-тите години на минатиот век:
Бела Хатон решава да започне нов живот далеку од дома – таа наоѓа работа како пејачка во ноќен клуб, носејќи ѝ низа софистицирани пријатели и обожаватели. Но, Бела ја прогонува мистеријата од минатото која се провлекува низ нејзиното семејство – по смртта на нејзините родители, таа наоѓа стар исечок од весник од пред 25 години, кој вели дека нејзиното семејство го напуштило родниот град по исчезнувањето на нивното новороденче.
Бела е очајна да открие што се случило со сестрата за која никогаш не знаела дека постои, но кога ќе почне да поставува прашања, таа е соочена со гласини, злонамерни озборувања и реални закани. Оливер, атрактивен американски новинар, ветува дека ќе ѝ помогне, но едно анонимно писмо ѝ вели на Бела да не им верува ниту на оние кои се најблизу до неа…
Бела преживува закани, па дури и напади кои ѝ носат голем немир, но свесна е дека ништо нема да ја спречи во нејзината намера да ја открие вистината. Може ли таа да му верува на Оливер? Дали нејзината сестра е навистина мртва? И дали постојат шанси Бела да ја пронајде?

Ова е прва книга од Дајна Џефрис што ја имам прочитано, писателка која кај нас засега е позната по „Мирисот на листовите чај“. Колку што успеав да видам од Goodreads, мислам дека се држи до овој стил на книги, поточно историски фикции.

Конкретно оваа книга ја слушав во аудио формат и малку повеќе ја развлеков, за што дел можам да ѝ припишам на динамиката на раскажување, со оглед на тоа дека не можам да кажам дека ме држеше во некоја неизвесност, па да ме натера да ја слушам понатаму. Некако имав чувство дека приказната е растегната на повеќе од 300 страници, а крајот ми се виде непотребно избрзан – како Дајна да имала точно определени страници на располагање, па кога видела дека е при крај, само гледала што побрзо да го заокружи последното поглавје. Мислам дека ако на моменти ви избега вниманието, како што мене ми се случи повеќе пати, ништо особено нема да пропуштите.

Имаше убави описи и приказните се надополнуваа една во друга – едната раскажуваше за Бела, а другата за нејзината мајка Дијана и она низ што поминала по исчезнувањето на нејзиното бебе. Бела како лик не ми беше нешто особено допадлива, можеби повеќе некоја емоција ми разбуди приказната на Дијана и неа повеќе ја засакав заради карактерните особини на борбеност и пожртвуваност. Сепак, не се поврзав со ниту една од нив, како што знаат некои ликови да ми прираснат за срце.

Видов дека 90% од коментарите на Goodreads се многу позитивни, јас на крајот ја оценив со 3 ѕвездички зашто не сакав да бидам премногу строга, но не би рекла дека ја препорачувам.

Би можело да ти се допадне и ова...