„Од љубов до омраза“ – Кристан Хигинс

Откако нејзиниот татко го губи целото семејно богатство во нелегална зделка, самохраната мајка Паркер Велс е соочена со неколку многу тешки одлуки. Како прво: таа мора да се упати кон Заливот Гидеон, Мејн, за да го продаде единствениот имот кој сега го поседува – една мала полу распадната колиба на брегот која бара сериозно средување. Кога потрчкото на нејзиниот татко, неговиот личен адвокат Џејмс Кахил, се нуди да дојде со неа за да ѝ помогне, таа не е воодушевена, но нема други опции.
Со оглед на тоа што сега мора да заработува за себе и за своето синче, Паркер почнува да работи во цвеќарница и полека да се наоѓа себеси по пат. Можеби животот без богатство и не е толку лош. И можеби Џејмс не е толку плиток и расипан како што мисли таа.

Се сеќавам дека книгава ја купив откако само ги погледнав оценките на Goodreads, без да ја прочитам кратката содржина, така што почнав да ја читам единствено со мислата дека ме очекува лесна чик-лит книга, без да имам никаква претстава за самата приказна.
Би рекла дека е сè што можете да си препоставите за една таква книга – симпатична приказна, допадливи ликови и одвреме навреме по некој клише момент. Брзо и лесно се чита, забавна ми беше, иако на некои моменти сакав темпото малку за забрза.

Инаку оваа книга е трета во серијалот Gideon’s Cove (Заливот Гидеон), но останатите не се преведени на македонски јазик колку што видов. По сè изгледа, иако се на некој начин поврзани, можат да се читаат и одделно, барем јас немав впечаток дека нешто ми недостасуваше во оваа книга, а ги немам прочитано претходните две.

Морам да признаам дека ми се допадна преводот – некогаш имам проблем со преводите на Сакам книги, затоа што ми делуваат многу буквално преведени, особено некои фрази што се типични за англискиот јазик, но пренесени на македонски во буквална смисла делуваат чудно. Од таа причина секогаш додека читам си ги преведувам (назад) на англиски, за да ми имаат смисла. Овојпат не беше така и ми се допадна како беа пренесени одредени фрази на македонски.

Она што не ми се допадна беше корицата – знам дека не треба да им судиме на книгите по корицата, но мене тоа ми е дел од „целиот пакет“, па сакам кога кориците се убаво скоцкани. И самиот оригинал ја има истата корица, така што не е до македонската верзија. Мислам дека можеле малку повеќе да се потрудат.

Би можело да ти се допадне и ова...