This is Where I Leave You – Jonathan Tropper

Смртта на таткото на Џад Фоксман е првиот момент кога после многу години, целото семејство се собира на едно место. Единствена која недостасува е сопругата на Џад, чија четиринаесетмесечна афера со шефот на Џад неодамна излегува во јавност.
Истовремено жалејќи за смртта на неговиот татко и за пропаста на неговиот брак, Џад се врти кон неговото семејство во обид тие да ја исполнат последната желба на нивниот татко – да ги поминат седумте дена по погребот заедно. Во истата куќа, како семејство.
Работите за брзо време излегуваат надвор од контрола – долгогодишните негодувања испливуваат на површина, многу тајни се откриваат и многу стари страсти повторно се будат. За Џад, тоа е еднонеделен обид за тој да го среди хаосот во неговиот живот, додека залудно се обидува да остане надвор од конфликтите во неговото лудо, нефункционално семејство. Како тоа да не е доволно тешко, па во животот на Џад паѓа уште еден гром од ведро небо – неговата неверна сопруга е бремена.

Кога почнав да ја слушам аудио верзијата на книгава, имав некои поделени очекувањата, исто како што се поделени и коментарите на Goodreads – на читателите или многу им се допаднала, или воопшто не им се допаднала. Некоја средина баш и немаше. Ама си реков дека нема да бидам скептична и дека ќе ѝ дадам шанса, па оптимистички навлегов во приказната очекувајќи нешто забавно, нешто што ќе ме насмее, но истовремено длабочината на приказната ќе успее да ме допре.
На почетокот се чувствував како новодојдена во некое друштво што наеднаш запознава многу луѓе и упорно се обидува да запамти кој е кој 😀 Така некако на самиот старт ги запознаваме сите ликови наеднаш, на нивното собирање во семејниот дом, па ми беше малку конфузно додека да запамтам кој лик како се вика и која е неговата животна приказна. Првиот впечаток ми беше дека книгава и не е толку лоша, но како што навлегувавме во приказната, почнаа да се нижат ред настани и околности кои мене воопшто не ми се допаднаа.
Прво, самите ликови не ми беа допадливи и од толку многу на број, ниту еден не успеа да ми стане омилен. Второ, јас не почувствував ниеден момент во кој ќе можам да сочувствувам со нив во однос на нивната загуба на татко, односно сопруг. Мислев дека повеќе ќе успеам да се поврзам со ликовите и да ја почувствувам нивната болка, но некако целиот тој дел ми беше многу површен и… дури би рекла стерилен. Да, книгата зборува многу за семејните односи, за пријателствата, за пропаднатите врски и бракови, за простувањето, за новите почетоци… Но, очекував да успеам во поголема мера да се ставам на местото на самите ликови и да ја видам нивната перспектива на работите.

Искрено кажано, јас не ја увидов таа комична нота во раскажувањето, можеби на некои делови настаните ми беа смешни, но не до тој степен за книгава да ја сместам во категорија Хумор како што е класифицирана на Goodreads. Во однос на ова, го изгледав трејлерот за филмот направен по книгата и од она што го видов, ми се чини дека филмот ќе ми биде посмешен 😀 Не знам дали е до самиот избор на актери (на чело со Џејн Фонда, thank you very much) дали е до начинот на кој ги доловуваат ликовите, ама ете, таков впечаток добив.

Во текот на читањето постојано рипав на скаличките за оценување, но на крајот целиот тој хаос ми беше too much drama, непотребно дури, имаше многу моменти кои ги сметам за вишок и нималку не ми се допаднаа, па затоа на крајот ја оценив со 2 ѕвездички.

Би можело да ти се допадне и ова...