Пет летни наслови на книги одлични за на плажа

Моето лето годинава започнува подоцна, па иако веќе ја газиме втората половина на август, јас допрва почнувам да мечтаам за плажа 🙂 А понесена од таквото летно расположение, книгата која ја читам во моментов ќе биде првата со која ќе ја започнам оваа статија 🙂

„Луѓето кои ги среќаваме на одмор“ – Емили Хенри
Попи и Алекс. Алекс и Попи. Тие двајца немаат ништо заедничко. Таа отсекогаш била диво дете; тој носи каки панталони и карирани кошули. Таа е ненаситна за лутање и шетање по светот; тој повеќе би сакал да седи дома со добра книга. Сепак, некако, уште од едно судбоносно заедничко патување до дома од факултет пред многу години, тие се најдобри пријатели. Најголемиот дел од годината го поминуваат одвоени – таа живее во Њујорк, а тој во нивниот мал роден град – но секое лето во изминатата декада одат на прекрасен одмор заедно.
Односно, до пред две години, додека не уништиле сѐ. И оттогаш не разговараат.
Попи има сѐ што би можела да посака, но заглавена е во монотона рутина. И кога нејзината пријателка ја прашува кога последен пат била вистински среќна, таа без ронка сомнеж знае дека тоа било на последното, „фатално“ патување со Алекс. Па така одлучува да го убеди својот најдобар пријател да отидат на уште еден одмор заедно – да ги стават сите карти на маса и да ги поправат работите. И за чудо, тој прифаќа. Сега таа има една недела да поправи сѐ. Само кога би можела да ја игнорира големата вистина која отсекогаш се криела во нивната навидум совршена врска.

„Се случи едно лето“ – Теса Бејли
Пајпер Белинџер е позната како кралица на забавите во Лос Анџелес чија единствена грижа е добро да изгледа и секојдневно да си го збогатува инстаграм-профилот со провокативни фотографии. Но кога една нејзина дива забава ќе излезе од контрола и таа ќе заврши зад решетки, нејзиниот очув донесува одлука – ја праќа во родното место на нејзините родители. Рибарското гратче Веспорт е нов свет за разгалената Пајпер, која се заинатува да докаже дека не е само празноглава убавица. Заедно со сестра ѝ почнуваат да го реновираат стариот бар оставен во наследство од татко им, откриваат нови работи за него, ја запознаваат баба си, се спријателуваат со мештаните, а особено со еден од нив – капетанот Брендан. Грижлив, искрен, посветен, вљубен – Пајпер никогаш не запознала таков маж. И никогаш со никого не доживела таква емотивна бура. Тие двајцата се како плус и минус, а тоа уште повеќе ја вжештува атмосферата. И кога по една расправија со него ќе реши да му се врати на гламурозниот живот, Брендан и градот полн со спомени веќе ѝ се прираснати за срце…

„Море од спомени“ – Фиона Валпи
Кога Кендра првпат ја посетува својата болна баба, таа ја замолува да ја запише нејзината приказна, пред да ја заборави…
Во 1937 година, животот на седумнаесетгодишната Ела се менува засекогаш кога е испратена да летува на прекрасниот остров Иле де Рѐ и се среќава со харизматичниот Кристоф. Тие го поминуваат летото заедно, истражувајќи ги песочните плажи на островот и кристално чистите води и, за прв пат во животот, Ела се чувствува навистина слободна.
Но, избувнувањето на војната менува сѐ. Ела е принудена да се врати во Шкотска, каде волонтира за воените сили заедно со застрашувачкиот Ангус. Во овој нов свет, Ела се чувствува како да се оддалечува сѐ повеќе од она што го доживеа на Иле де Рѐ.
Дали таа некогаш ќе успее да го најде својот пат назад? И дали тоа навистина го посакува?

„Малибу во пламен“ – Тејлор Џенкинс Рејд
Четворица познати браќа и сестри организираат епска забава за да го прослават крајот на летото. Но, во период од 24 часа нивните животи ќе се сменат засекогаш.
Малибу, август 1983 година. Тоа е денот на годишната забава на Нина Рива по повод крајот на летото. Исчекувањето е трескавично. Сите сакаат да бидат во близина на познатите Рива: Нина, талентираната сурферка и супермодел; браќата Џеј и Хад, едниот шампион во сурфање, другиот признат фотограф; и нивната обожавана помала сестра Кит. Заедно, тие се извор на фасцинација во Малибу и во светот – особено како потомци на легендарниот пејач Мик Рива.
Единствената личност која не е баш воодушевена од забавата на годината е самата Нина, која никогаш не сакала да биде во центарот на вниманието и која кусо пред тоа е јавно отфрлена од нејзиниот сопруг – професионален тенисер. Секако, можеби и Хад – поради одложувањето на еден разговор со неговиот брат со кого се неразделни од раѓање.
Од друга страна, Џеј ги брои минутите до забавата, бидејќи девојката на која не може да престане да мисли, му вети дека ќе биде таму.
И Кит има неколку свои тајни – вклучително и гостинот кој го поканила без да ги консултира другите.
До полноќ забавата ќе биде надвор од контрола. До утрото, куќата на Рива ќе исчезне во пламен. Но, пред таа прва искра во раните утрински часови, на сите страни ќе тече алкохол, ќе ечи музика и љубовта и тајните што ги обликувале генерациите од ова семејство ќе испливаат на површина.

Море на загубената љубов“ – Санта Монтефјоре
Селестрија секое лето го поминува во Пендрифт Хол, стара господска куќа, која со генерации е дом на семејството Монтагју. Но, тоа лето, во 1958 година, идиличниот одмор завршува со мистериозна трагедија и со сознанието дека семејството би можело да го изгуби домот, што го крши срцето на младата Селестрија и ги урива сите нејзини илузии.
Соочена со тага и финансиска пропаст, но охрабрена од нејзиниот дедо, американски магнат, Селестрија ја презема улогата на детектив да ја разреши бизарната загатка. Потрагата ја доведува до живописната Апулија на југот на Италија, до збунувачки лавиринт полн со измами, но и до вистината за нејзиното семејство, нејзиното минато и нејзината иднина.
Романтична и напната приказна за семејните тајни и за победата на љубовта, за која авторката, како што вели самата, била инспирирана од “мирисите и звуците на Италија, од нејзината бескрајна убавина, која целосно ја исполнува душата”.

Би можело да ти се допадне и ова...