„Мудар родител – среќно бебе“ – Хедвиг Монтгомери

Бебињата се чудо! Не е важно колку деца имате, искуството со секое е ново, различно, посебно, и како родител никогаш не престанувате да се грижите што е најдобро за вашето дете.
„Мудар родител – среќно бебе“ е модерна библија за родителите на дваесет и првиот век. Во седум лесни чекори, психологинката и семеен терапевт Хедвиг Монтгомери ги води родителите низ првите 24 месеци од детскиот живот. Бидејќи првите две години од животот се навистина чудесни. Неверојатно е да се воспитува дете од првите денови, од немоќно бебе што само лежи или лази до дете што чекори покрај вас и говори. Во еден момент тоа не може ништо, а веќе во следниот може сè. Тие две години се како цела вечност, еден посебен универзум. И затоа е потребен овој придружник!
Како да имате среќно дете? Како да стекнете доверба? Како да го подготвите детето за тешките нешта што следуваат? Колку навистина смеете да бидете нервозни? Која е најчестата грешка што ја прават родителите?
Мудар родител– среќно бебе е поучна и едноставна книга, која ќе ве научи како да станете родител каков што посакувате да бидете.

Прекрасна книга! Многу, навистина многу ми се допадна. Ја позајмив за да ја прочитам, но сериозно размислувам да си ја купам и да ја имам дома за да можам одвреме навреме да си се потсетувам на некои работи 😀

Хедвиг Монтгомери има многу смирен и одмерен начин на објаснување на работите и кога ја читате книгата имате чувство дека сè е толку лесно и едноставно во процесот на чување и воспитување бебе 😀 Секако дека не е, но ете кај мене влеа некое чувство на сигурност, бидејќи успеав да препознаам многу работи во однесувањето на моето бебе и истите да ги разберам преку објаснувањата на авторката. Многу нови работи научив, што претходно не сум ги знаела, и покрај моите редовни читања на темава. Сфатив дека многу работи погрешно сум ги толкувала, а следствено на тоа и погрешно сум постапувала. Не само јас, туку и најблиските, па затоа мислам дека оваа книга би била соодветна и за бабите и дедовците, бидејќи и тие имаат голема улога во градење на карактерот на едно дете.
Авторката опфаќа различни ситуации, различни животни и фамилијарни околности, различни однесувања на децата, со цел на родителите да им посочи соодветен пристап кој треба да го применат кон детето.

Родители, баби и дедовци – ви ја препорачувам 🙂

Би можело да ти се допадне и ова...