The Friendship List – Susan Mallery

  • Да танцувам до зори
  • Да скокам со падобран
  • Да носам бикини на јавно место
  • Да започнам да живеам

Едно лето, две најдобри пријателки решаваат да го започнат својот живот од почеток.
Самохраната мајка Елен Фокс не може да се чувствува поисполнета – сè додека не го слушне нејзиниот син како вели дека не може да оди на колеџот од неговите соништа затоа што премногу ѝ е потребен на неговата мајка. Ако Елен сака тој да ги оствари неговите замисли и да биде среќен, мора да го убеди дека и таа е комплетно среќна.
Тука во игра доаѓа најдобрата пријателка на Елен – Јунити. Јунити ѝ доаѓа на помош со список на предизвици кои ќе имаат за цел да ја истуркаат Елен надвор од нејзината удобна зона. Јунити решава и таа да го исполни списокот, но не затоа што сака да го смени својот живот. Впрочем, зар има нешто чудно во тоа една вдовица од триесет години сè уште да спие во детскиот кревет на нејзиниот покоен сопруг?
Елена и Јунити започнуваат да го исполнуваат списокот со предизвици со цел да им покажат на останатите дека „се добро“. Но, некаде помеѓу носењето „високи штикли“ и „секс со прекрасно момче“, Елен и Јунити откриваат дека животот треба да се живее со радост и дека мора да се продолжи понатаму.

Прво нешто што ќе го кажам за оваа книга е дека според мене, корицата оддава сосема поинаков впечаток за приказната, а можеби и за самиот стил на пишување. На прв поглед, мислев дека се работи за некоја лесна чик-лит книга која би била совршена за на плажа, додека го имаш пуштено „мозокот на пасење“. Па дури и кратката содржина не ми делуваше како нешто невидено и оригинално. Сепак, на крајот (иако малку дарежливо) решив да ја оценам со четири ѕвездички, бидејќи многу пријатно ме изненади.

Елен и Јунити се најдобри пријателки уште од детството, двете се во четвртата декада од нивните животи и двете се без брачни партнери. Елен останала бремена во тинејџерските години, а таткото на нејзиното дете никогаш не бил дел од целата приказна, па таа сама го одгледува нејзиниот син кој е центар на нејзиниот живот. Таа никогаш не ни тргнала во потрага по нова љубов, туку целосно се посветила на мајчинството од самиот старт, поради што доаѓа до стадиум кога без таа улога, таа повеќе не знае која е, ниту што да прави со нејзиниот живот. Во период кога нејзиниот син треба да замине на колеџ, а таа да остане сама, Елен сфаќа дека скоро и да нема некакво хоби, а нејзиниот круг на пријатели е многу ограничен.

Три години по смртта на нејзиниот сопруг, Јунити сè уште не може да се натера да продолжи понатаму. Нејзиниот живот како да е ставен на пауза. Таа не знае како да продолжи без нејзиниот брачен другар, ниту пак може воопшто да се замисли со друг маж во животот, уште помалку со деца од тој друг маж. Нејзината окупираност во животот е малку поинаква од онаа на Елен – таа е целосно посветена на нејзината работа. Редовно оди на групни психотерапии за луѓе кои изгубиле некој близок, свесна е дека мора да преземе макар и мали чекори кон тоа да го преболи сопругот, но таа не може да го напушти ни неговиот кревет.
Кога Елен и Јунити ќе се охрабрат да преминат на списокот со предизвици, почнуваат да им се случуваат некои неверојатни работи кои им ги менуваат животите.

Книгата лесно се чита, а Елен и Јунити ми беа многу допадливи ликови и нивното пријателство многу ме потсети на она на Кејт и Тали од „Улицата на светулките“. И двете можев да ги разберам – зошто така се однесуваат, зошто така реагираат, зошто така постапуваат, бидејќи совршено беа доловени нивните животни околности и сé она што придонело тие да прераснат во такви личности. Ги запознавме нивните јаки и слаби страни, нивните дилеми, нивните стравови и попатно следевме како и двете полека излегуваа од нивната удобна зона охрабрувајќи се да прават работи на кои никогаш не би помислиле. Приказната ве тера да размислите на одредени теми, а можеби дури и да се ставите на нивно место и да се запрашате како вие би постапиле во дадената ситуација.

Имаше некои моменти кои не ми се допаднаа и дури мислам дека целосно би ги тргнала од книгава, но генерално ми беше навистина пријатно изненадување. Ја препорачувам 🙂

Би можело да ти се допадне и ова...