„Сета светлина што не можеме да ја видиме“ – Ентони Доер
Мари-Лор живее во близина на Природонаучниот музеј во Париз, каде што нејзиниот татко работи како главен клучар и е последниот чекор помеѓу светот и големите музејски тајни. Мари-Лор ослепува на шестгодишна возраст, па нејзиниот татко ù моделира една беспрекорна минијатура на нејзината населба, за таа да може тактилно да го меморира секој агол и секогаш да знае да го најде патот накај дома. Шест години подоцна, Германците го окупираат Париз и, по игра на случајот, Мари-Лор и нејзиниот татко завршуваат во Сен-Мало со највредниот музејски експонат: легендарниот скапоцен камен „Пламено море“.
Во меѓувреме, сираците Вернер и неговата сестра Јута растат во Цолферајн, рударскиот центар на Германија во тоа време, чијшто воздух станува сè позагаден благодарение на Гебелсовата пропаганда. Уште како малечок, откако наоѓа и поправа едно фрлено радио, Вернер се фасцинира од необичноста на овие нови инструменти што се способни да ги уловат гласовите што невидливо треперат околу нас. Неговиот талент го носи во академијата на Хитлеровата младина, а потоа и во Франција, во специјална мисија да го лоцира и внимателно да го следи движењето на Отпорот.
И таму некаде, во Сен-Мало, неговата приказна се вкрстува со онаа на Мари-Лор.
Од каде ли да почнам… Ајде прво ќе се осврнам на самиот стил на пишување во книгава и ќе заклучам дека Ентони Доер е писател кој го сака јазикот. Толку внимателно беа одбирани зборовите и толку убаво се изразуваше низ целата приказна, што на моменти имав чувство дека читам поезија во форма на проза. Ова е приказна која ми личеше на оние повеќеслојни чоколадни бомбони кои треба бавно да ги вкусувате, за да можете убаво да ја забележите секоја нивна состојка. Моја грешка беше тоа што ја одбрав аудио верзијата и мислам дека повеќе ќе уживав доколку ја читав во печатена или е-форма, затоа што самата ќе го диктирав темпото на читање и ќе можев побавно да го впивам секој збор. Вака кога сте целосно под туѓа нарација, немате контрола во тој дел.
Во контекст на она што го спомнав претходно, ќе се надоврзам и ќе кажам дека ако сакате книга со динамично темпо на раскажување, тогаш веројатно оваа не би ви се допаднала, бидејќи можеби во текот на читањето ќе добиете чувство дека го чекате Годо 😀 Раскажувањето тече бавно, како по мирна река, но затоа пак тука на тежина добива стилот на пишување кој е навистина убаво украсен.
Е сега во однос на самата приказна – ова не ми е прва книга која ја читам, а е поврзана со Втората Светска војна, но ете, досега секоја таква книга си носела некое свое обележје и ниту една не ми била „веќе видено“, па така беше и со оваа. Од сегашна перспектива, можеби би ја препорачала и на помлада читателска публика, бидејќи за разлика од некои други книги кои ги имам прочитано на истата тема, оваа не содржеше многу брутални сцени кои го покажуваат лицето на војната, а кои е тешко да се „сварат“, туку беше помека во тој дел. Дури би рекла дека и не ја отсликуваше војната во правата смисла, туку некако повеќе фрлаше светло врз тоа низ што поминуваат главните ликови кои се деца, а се на различна страна на војната.
Малку и за она што не ми се допадна, а сум го доживеала и со други книги. Не е некаков спојлер да кажам дека приказните кои се паралелно раскажани, на крајот се спојуваат во една, но ете она што мене не ми се допадна многу беше начинот на кои беа поврзани. Ми делуваше усилено и вештачки. Наместо полека да почнат да се преплетуваат една со друга, добив впечаток дека Ентони на крајот само ги грабнал како јажиња и ги врзал во чвор.
Исто така уште една работа која ја посакував во книгава, а е целосно субјективна, беа дијалози. Голем дел од книгата е наратив, па добив желба за динамични дијалози во кои ќе им чуеме глас и на самите ликови, наместо да ги спознаваме преку раскажување во трето лице.