„Ако ја познаваше сестра ми“ – Мишел Адамс

Ајрини Харингтон како дете била дадена од страна на нејзините родители на возраст од три години. Иако таа го поминала целиот свој живот убедувајќи се дека родителите не ѝ се потребни, длабоко во себеси се обидува да разбере зошто нејзините родители се посветиле на чувањето на нејзината постара сестра Ел.
Кога Ајрини дознава дека нивната мајка починала, таа се согласува да се врати во семејниот дом. Преплашена од психичката состојба на сестра ѝ, Ајрини се обидува да се заштити, но свесна е дека е вовлечена во отровната мрежа која е исплетена околу нејзиното семејство. Таа наскоро сфаќа дека минатото е многу покомплицирано отколку што може да си замисли, а нејзината иднина се потпира на откривање на ужасната вистина за тоа зошто навистина била дадена пред многу години.

Првиот впечаток кој претпоставувам дека го добивате од колоритната и разиграна корица, е тоа дека веројатно се работи за некоја лесна и летна книга, погодна за читање на плажа. Сепак, вистината е сосема спротивна. „Ако ја познаваше сестра ми“ е психолошки трилер чиј заложник ќе бидете до самиот крај 🙂

Со секоја прочитана страница имав чувство како сè повеќе да навлегувам во длабочината на ликовите. Одлично беа доловени комплицираните и испреплетени врски во семејството, особено онаа меѓу Ајрини и Ел. Беа премногу различни и истовремено беа интересен спој на карактерни особини. Во текот на читањето постојано се трудев да ги скоцкам и да ги дефинирам како ликови. Нивната чудна и необична врска и влијанието кое го имаа една врз друга, според мене беше всушност главната нишка во книгата.

Ми се допадна стилот на раскажување, а приказната ја доживеав како морничава и мрачна, па секогаш кога ќе седнев да ја читам ме совладуваше таква енергија и чувство. Ако барате книга поради која постојано ќе се обѕрнувате околу себе, оваa е вистинската 😀

Би можело да ти се допадне и ова...