„Апартман во Париз“ – Гијом Мисо

Во Париз се наоѓа едно ателје, скриено во дното на улицата обрасната со зеленило, премногу совршено за помеѓу своите ѕидови да не крие некоја тајна.
Мадлин го изнајмува за да ужива во самотијата и да пронајде малку мир после љубовната криза и серијата нерешени случаи.
После едно недоразбирање, на оваа млада лондонска полицајка ѝ се придружува Гаспар, писател и мизантроп, што допатувал во Париз за да пишува во тишина. Така сега овие две осамени и немирни души принудени се неколку дена да живеат под ист покрив.
Ателјето му припаѓало на славниот сликар Шон Лоренц и сѐ уште зрачи со неговата страст кон боите и игрите со светлината. Скршен поради загубата на својот син, Лоренц умрел оставајќи зад себе три слики, што се водат како исчезнати. Фасцинирани од неговата генијалност и заинтригирани од неговата тажна судбина, Мадлин и Гаспар одлучуваат да ги здружат силите за да ги пронајдат изгубените слики и да проникнат во тајните на Лоренц. Сепак, ќе мораат да се соочат со сопствените демони, во возбудливата истрага, што засекогаш ќе ги промени.

Ако ја имате прочитано мојата статија За оние кои никогаш не го читале Гијом Мисо, ќе прочитате дека одамна си ветив дека Гијом Мисо никогаш повеќе нема да го читам на македонски јазик, затоа што преводите беа навистина лоши. Меѓутоа, оваа книга ја добив на подарок, па решив во секој случај да ја прочитам 🙂 Секогаш кога ќе добијам книга на подарок, сакам да ја прочитам, без разлика дали на прв поглед ми личи дека би ми се допаднала или не. Бидејќи бев решена секако да ја прочитам, почнав да ја читам без воопшто да знам за што се работи. Се воздржив од тоа да ја погледнам кратката содржина, па освен сликата на корицата на која има сликарско платно и секако, самиот наслов – воопшто немав идеја за што се раскажува во неа.

Од старт морам да признаам дека преводот пријатно ме изненади, особено затоа што очекувањата ми беа многу ниски. Беше навистина пристоен, не дека немаше грешки, но беше далеку подобар од оној на другите три книги за кои пишував во мојата претходна статија. Дури и си обележав неколку цитати кои ми се допаднаа.
Што се однесува до самата приказна, имав други замисли за тоа во кој правец ќе се движи, поточно имав други претпоставки за расплетот, но ми се допадна како се одвиваа настаните. Ми се допадна тоа што подеднакво им беше даден глас на неколку ликови, не беше фокусот даден само на еден од нив, туку се запознавме паралелно со повеќе различни карактери кои имаа сосема различни животни судбини. Раскажувањето наизменично го водеа Гаспар и Мадлин, а измеѓу беа дадени исечоци од други ликови кои беа вклучени во приказната. Втората половина од книгата ме изненади и не успеав да предвидам многу од настаните. Мислам дека на крајот малку непотребно се усложнија работите, барем мене ми беше малку тешко да ги спојам сите нишки кои наеднаш се разврзаа, но генерално ми се допадна. Ми се допадна и самиот крај на приказната, веројатно и јас на ист начин би ја завршила 🙂

Во прилог неколку цитати кои ги забележав во текот на читањето:

„Иако не го признаваа тоа, Мадлин и Гаспар на некој чуден начин беа уверени дека тајните ќе ги донесат до вистината, бидејќи барајќи ги сликите, тие бараа и некоја вистина за себе.“

„Среќата е убаво да се доживее, но од неа не може ништо да се создаде.“

„Ниту ‘рѓата, ниту прашината не ги избришале твоите огнени бои. Мојата слика и понатаму зрачи од грубиот и валкан лим на вагонот. Мојата победничка младост посилна е од времето и од темнината. Мојата дива коса, што ми го милува телото како во бајка и се завива околу нозете на дваесетгодишна девојка, околу градите, стомакот. Таа слика сакам да ја понесам со себе.“

„Тоа утро јас можеби тебе те ослободив, но ти мене ме спаси.“

Би можело да ти се допадне и ова...