„Претседателот исчезна“ – Бил Клинтон и Џејмс Патерсон

Американскиот претседател Џонатан Ликолн Данкан, уште на самиот почеток е соочен со можноста за отповикување во Конгресот поради сомнежот дека тајно преговарал со еден од наопасните и најбарани кибертерористи – Сулиман Џиндорук, водач на Синовите на џихадот.
Но, она што го загрижува Данкан многу повеќе од тоа и од задкулисните политички игри, е тајната што ја знаат само тој и потесниот круг негови соработници: разорен кибернетички напад од невидени размери што секој момент може да ги погоди САД, да ги фрли на колена и во комплетен хаос…

Искрено кажано, книга напишана од Бил Клинтон никогаш не би ме привлекла доволно ни за да посегнам по неа, но кога го видов неговото име до она на Џејмс Патерсон, сепак одлучив да ѝ дадам шанса. Клинтон, како поранешен претседател на САД, заедно со Патерсон кој мошне добро ѝ е познат на читателската публика која е љубител на трилери, овојпат ги здружуваат силите во заеднички роман. Самиот факт дека Клинтон има замешано прсти во книгава, на почетокот ми го отежнуваше следењето на приказните бидејќи постојано го замислував него во улогата на претседателот и си се запрашував колку од случките во книгата се инспирирани од реални настани кои навистина се случиле за време на неговите мандати (иако на почетокот е нагласено дека приказната е фикција). Меѓутоа, нараторот на аудио книгата толку добро си ја вршеше работата, што во текот на слушањето постепено ме одалечуваше од ликот на Клинтон, за на крајот во мојата глава главниот лик да изгледа сосема поинаку.

Приказната е интересна, умешно раскажана и на моменти е сосема непредвидлива. Имаше некои клише, ајде да ги наречам „американски“ работи кои можеби и потсвесно ги очекував, меѓутоа не ми пречеа до толку за да ѝ ја симнам оценката на книгава за едно скалило подолу.
Она што е интересно е тоа дека целото дејствие во книгата всушност се одвива во само неколку дена. Атмосферата е напната и на моменти имав чувство дека гледам филм во чие замислување на сцените се служев со слики од серијата „Скандал“ 😀
Можеби очекувањата ми беа ниски, па позитивно ме изненади, ама јас ви го препорачувам.

Би можело да ти се допадне и ова...