In the Barren Ground – Loreth Anne White
Во пространата дивина на северна Канада, секој час во долгите зими е исполнет со мрак. Луѓето се малку на број, а крволочните животни слободно шетаат.
На полициската службеничка Тана Ларсон не ѝ пречи мракот и тишината. Во петтиот месец од бременоста, надевајќи се дека ќе избега од грешките во минатото, таа прифаќа работа во место кое брои само 320 жители. Можеби тука ќе успее да најде мир за себе и своето дете.
Тана станува единствениот полицаец на 17.500 квадратни милји. Една горчлива ноќ, таа добива пријава дека двајца студенти се растргнати од волци, а единствениот начин да стигне до дивината каде што се случило тоа е да побара помош од арогантниот, иритирачки згоден Камерон, локален пилот со лоша репутација и таинствено минато.
Кога ужасната сцена што ја затекуваат открива дека не се работи за волци, туку за нешто многу позлобно, Тана мора да му верува на Камерон, ако сака да го заштити градот – и себеси – од злото што демнее во мракот.
Периодов бев расположена за некој морничав трилер, па иако досега немам читано ништо од оваа авторка, решив да им верувам на многуте препораки за нејзините книги.
Ќе започнам со тоа што ќе кажам дека цело време во текот на читањето ме следеше некое мрачно и ладно чувство, што ме потсети на „Мраз студено“ – приказните се различни, но некако атмосферата беше многу слична. Животот во темните и студени месеци во Канада целосно ме обземаа и ме преселија таму додека ја читав.
Впечатоците кон Тана како главен носител на приказната ми останаа неутрални. Не ми беше ниту одбивна, ниту нешто посебно допадлива. Не се поврзав со нејзината животна судбина, ниту со неа како лик, туку само ја гледав како некој кој треба да нè „спроведе“ низ приказната.
Морам да потенцирам дека имаше некои сцени во текот на раскажувањето кои можеби некому ќе му бидат премногу тешки за да ги „свари“ – морбидни се и тешки, но ако сте љубители на трилери и редовно читате такви книги, верувам дека нема да ви биде ништо ново.
Што се однесува до самата приказна, некои работи се очигледни уште од самиот почеток, но генерално не би ја оценила како предвидлива. Можеби очекував повеќе од крајот – не дека расплетот не беше добро структуриран, само што јас имав поголеми замисли за крајниот исход од разврската. Веројатно тоа беше главната причина зошто од мене не доби 4 ѕвездички.