Пет книги кои би биле одличен подарок за сите (идни) мајки

Пред нас се новогодишните празници кои се одличен повод за подарување книги, а овојпат доаѓам со интересни предлози – за вас направив листа на книги кои можете да ѝ ги подарите на некоја идна мајка 🙂 Бременоста е магичен период, но истовремено и период исполнет со многу промени и предизвици, особено во вакво време на пандемија кога сè е пострашно, постресно и потешко. Затоа, одбрав книги кои на идните мајки ќе им помогнат да го поминат овој период на многу прашања и дилеми, или можеби едноставно ќе ги насмеат и расположат 😀

„Свесно мајчинство“ – Нада Бучевиќ

Бременоста и мајчинството може да бидaт совршен момент за вашиот личен развој! Бременоста не е физички процес. Доколку правилно се доживее, може да стане извонредно духовно искуство. Иницијација на будноста и на свеста. Тоа е вистинското време да почнеме на животот да гледаме однатре. Нашиот внатрешен свет е оној што го креира нашиот надворешен свет. Тоа спознание ги менува од темел сите наши досегашни верувања. Има ли подобар повик од внатрешниот повик што ти го испраќа твоето бебе?
„Ви го пишувам сето она што и самата посакував да го знам за бременоста и за првите денови од мајчинството, но, за жал, таква книга тогаш не постоеше. Токму спротивното, книгите на кои наидував би можеле да се наречат Сè што може да тргне погрешно во бременоста. Како да немаме веќе доволно стравови, па треба да ни ги сервираат и оние што сè уште не ни паднале на памет. Другиот вид книги на кои наидував беа како медицински прирачник. Некако стерилни и далеку од вистинското искуство на мајчинството. Барав книга што би го опишала вистинското искуство на жената од нејзиниот внатрешен свет. Барав книга што не ги храни моите стравови, туку ги трансформира во она искуство поради кое бременоста и се нарекува блажена состојба.
Не ја најдов. Затоа сега ја пишувам.
Сакам оваа книга да ви служи во таа насока.“
Нада Бучевиќ

„Мала помош за идната мајка и нејзиното бебе“ – Јелица Лончар

Мала помош и мал совет секогаш ѝ се потребни на идната мајка, која за првпат се соочува со најубавиот момент во својот живот – бременоста и раѓањето на првото дете.
Затоа советите и помошта што ѝ ги дадов на мојата ќерка сакам да ги споделам и со другите млади жени кои за првпат ќе станат мајки. Да уживаат во секој момент од бременоста и со нежно исчекување да си го замислуваат своето бебенце. Да се ослободат од стравот и од загриженоста и на најлесен начин, самоуверено и релаксирано, без трошка стрес да се грижат за својот нов член и максимално да учествуваат во неговото одгледување.
Во овој мал прирачник ќе најдат и многу други мали совети за негата и за исхраната на бебето, неколку рецепти за подготвување на првите оброци, совети за првите прошетки и многу други работи, кои младата мајка треба да ги знае.
Со љубов,
Јелица Лончар

„Концепт мама“ – Александра Шекутковска Докоска

„Концепт мама” е првата македонска сѐ-во-едно книга и дневник за бременоста, раѓањето и почетокот на мајчинството. Александра Шекутковска Докоска користи комбиниран жанр од дневник и прирачник, обединувајќи го личното искуство со стручни сознанија и практични совети. Низ своите размислувања и истражувања таа опфаќа сѐ што би ѝ било неопходно на една современа мајка да знае: трите тромесечја на бременоста, поглавје за вежбање јога и за дизајнирање на домот, подготвување за породувањето и раѓањето, насоки за снаоѓање во првите месеци по раѓањето преку сопственото созревање, масажа на бебето, следење на неговиот развиток и откривање на нашите идентитети како родители во градот. Изборот на теми е според најсовремените препораки и трендови и ја следи светската традиција идните родители да се информираат преку книги. „Концепт мама” е моќна алатка за самоподдршка, конструирање на целовит и балансиран пристап и градење самодоверба во себе како родител.

„Се викам МАМА“ – Јелица Грегановиќ

Ова е приказна за сите родители, другари, братство без сон. Ова е кратка борба против оној чип за заборавање кој ни го вградила Мајката Природа, затоа што ако се сеќаваме на сето она што го проживеавме со децата, наталитетот драстично би опаднал.
(Од легендарната приказна „Бебе“ која ги запали социјалните мрежи и интернет порталите, и го насмеа целиот регион)
„Во училиштата за родители или на индивидуалните советувања, кога и да видам преплашени родителски погледи, пред какви било прашања, посакувам да кажам: ‘Опуштено, тоа е сосем нормално!’ И, токму тука, моќната интервенција за нормализација, од корица до корица, е пресликана во книгата од Јелица Грегановиќ.
Ќе воздивнувате на секоја реченица! Авторката не само што нормализира многу детски и родителски стравови, амбиции, тагa, расправии, туку како бонус нуди неуморна духовитост која сигурнo ќе ги доситни и најмалите сомнежи во тоа дека нормалноста нема граници. Како ни љубовта, фантазијата, довербата – барем не кога се во прашање децата и родителите.
Книгата доверливо и пријателски ве повикува да ги гушнете своите деца или да ѝ се јавите на својата мајка!“
Наташа Ѓурица, психолог

Доколку пак сакате да подарите супер забавна книга на оваа тема, тогаш одберете ја
„Бебето на Бриџит Џонс“ – Хелен Филдинг

Бриџит Џонс се наоѓа пред нејзината најважна животна улога. Во години е кога сите отстрана и велат дека биолошкиот часовник отчукува и мора да роди дете.
По низа смешни ситуации својствени само на неа, таа останува бремена – но не баш како што си замислувала цел живот. Во текот на бременоста се соочува со безброј сплетки, неверојатни моменти и хаос при прегледите на ултразвук и вежбите за подготовка за породување, но никогаш не ја напушта желбата за печени компири со ренданo сирење. А сепак, клучното и најнепријатно прашање што станува белег целата бременост е – кој е таткото?
Бриџит не би била Бриџит ако не нè насмее до солзи со сето она што ѝ се случува, сета романтика, радост и очај, каде што секогаш на крајот нештата завршуваат на убав начин што предизвикува пријатни и позитивни чувства.
„Суштината на ликот на Бриџит Џонс е во јазот помеѓу она што би требало да бидеме и она што навистина сме. Сега, во текот на бременоста полна со изненадувања, Бриџит ја открива разликата помеѓу тоа каков живот очекуваме и каков е животот во реалноста кога стануваме свесни дека ќе имаме бебе“, Хелен Филдинг.

Би можело да ти се допадне и ова...