1 година на пуст остров – на што сè се спремни писателите за да добијат инспирација за пишување

Да се биде писател не е едноставно, а пишувањето не секогаш оди лесно од рака, особено за време на оние „писателски блокади“ кога и најголемите писатели се чувствувале неспособни за да напишат макар и една реченица. Не чекајќи инспирацијата „да си дојде сама по себе“, многу писатели применувале, односно применуваат различни техники и методи за да можат да се вратат на писателското столче.

На пример, познатиот автор на бестселери, Ден Браун, верува дека решението за креативната блокада е висење наопаку. Кога и да се соочува со ваков проблем, Браун ја користи специјалната рамка која ја има, за одредено време да виси наопаку и да „ѝ дозволи на креативноста да протече до неговата глава“. Ова му помага да се опушти и релаксира, што води до поголема концентрација откако ќе седне да пишува.

Стивен Кинг пак, е прилично принципиелен писател кој денот мора да го започне со витамини и чај пред да седне на работното биро точно во 8 часот наутро, каде материјалите секогаш се подредени на ист начин.

Виктор Иго многу често пишувал сосема гол, единствено држејќи го пенкалото и хартијата, за максимално да се концентрира на тоа. Истовремено, ова го одвлекувало од идејата да излезе надвор.

Оноре де Балзак бил прав кафеџија и пиел дури по 50 шолји кафе дневно, само за да најде инспирација за да пишува. Заради големата количина на кофеин која ја внесувал, Балзак скоро и да не спиел.

Некогаш, писателите се одлучуваат на подрастични мерки кои ќе им помогнат да го создадат нивниот нов роман. Па така, Британецот Гералд Кингсланд во 80-тите години на минатиот век решил да биде модерниот Робинзон Крусо и да помине 1 година на пуст остров во обид да добие инспирација за книга. Тогаш 49-годишниот Гералд објавил оглас во весник со кој побарал „сопруга“ која ќе му прави друштво на ова патување. На огласот се пријавила 24-годишната Луси Ирвин со која заедно заминале на остров близу Австралија. Искуството било прилично реално и иако тргнале подготвени, се чини дека авантурата тргнала малку наопаку, па Луси и Гералд за малку ќе умреле од глад. Животот на пуст остров сепак бил далеку потежок отколку што си замислувале тие, но за среќа, биле спасени од домородно население од околните острови. И покрај лошото патешествие, сепак нешто добро излегло од нивната авантура. Всушност, две добри работи – две книги! 😀 И покрај тоа што Гералд тргнал на патувањето уште од старт со мисла да напише книга, Луси го престигнала во тоа и пред него таа ја издала книгата Castaway. Подоцна Гералд ја објавил неговата верзија за патувањето под наслов The Islander, а нивната заедничка авантура во 1986 година е пренесена и на филмското платно под наслов Castaway.

Би можело да ти се допадне и ова...