Како се снимаат аудио книги

Откако се појавија аудио книги на македонски јазик, ми се чини дека интересот кај македонската читателска публика се зголеми, па по читателските групи на социјалните мрежи забележувам дека повеќето изразуваат желба ако ништо друго барем да пробаат и да видат како ќе им оди.

Досега повеќе пати на мојот блог имам пишувано за аудио книгите и не е тајна дека сум голем љубител на истите, иако порано мислев дека никогаш нема да им дадам шанса 😀 Сега постојано во телефон имам по некоја која ја слушам паралелно на онаа (печатена или електронска) која ја читам.

Овојпат, би сакала да ја разгледаме другата страна на аудио книгите, односно не од аспект на слушател, туку од аспект на наратор, па да видиме како всушност тие се снимаат.

Ако почесто се слушале аудио книги, ќе видите дека некои од нив ги читаат двајца или повеќе наратори, но некои книги имаат само еден наратор. Секако, тоа нема ни да го забележите во текот на слушањето и целосно ќе заборавите дека сите ликови и гласови што ги слушате всушност доаѓаат од еден човек. Во тоа впрочем е умешноста на еден добар наратор – да успее да ја „оживее“ приказната и тоа само преку неговиот глас. Без никаква глума, движења на телото или гримаси, туку единствено преку моќта на гласот.
Според Рој Мекмилан, продуцент на аудио книги за Penguin Random House, снимањето на аудио книги бара уникатни вештини кои не се нималку слични со оние што ги бара синхронизацијата, читањето документарни емисии, па дури и радио драми.

Едно е јасно – аудио книгите не треба да бидат само едно обично читање на некаков текст, туку негово интерпретирање.
Имало аудио книги во кои содржината и не ми била нешто посебно интересна, но нараторот толку добро се внел во настаните, што имам чувство како да ме зграпчил за да ме поведе на заедничко патување низ приказната.

Нараторите вообичаено најпрво ги читаат книгите пред да започнат со снимање аудио верзија. Според нараторот Волтер Диксон, ова е сообено важно за да ги запознае ликовите и да знае како да ги интерпретира во текот на читањето. Исто така, тоа му помага да сфати за каква книга се работи и да може најсоодветно да го долови тонот на книгата. Покрај сето тоа, како што вели и самиот Волтер, одредени клучни работи кои многу би влијаеле на нарацијата, ги дознаваме малку подоцна, како на пример фактот дека некој лик зборува на конкретен акцент.

При снимање на една аудио книга, многу се вимава на квалитетот и чистината на звукот, а тоа зависи од многу фактори, меѓу кои и тоа каква облека носат нараторите. Волтер Диксон вели: „Многу се движам додека снимам аудио книги, па внимавам што ќе облечам, бидејќи некои материјали премногу шушкаат. Носењето часовник, накит, очила… сето тоа може да влијае на звукот.“
Во последно време нараторите сè почесто користат таблет или електронски читач, што секако заштедува време и труд за да се исечат сите делови од снимката каде се слуша вртењето на страниците.

Додека ги читаат книгите за прв пат, нараторите често ги обележуваат зборовите и речениците на некаков начин, што би им помогнало во текот на читањето. На пример, техниката на Сузи Џексон, која снима книги за Audible, е да ги подвлекува речениците со различни бои што би ѝ ја олеснила работата. „Да речеме дека на крајот од некоја реченица стои ‘таа шепна’. Морам тоа да го знам однапред, за реченицата да ја прочитам со таков тон. Затоа додека ја читам книгата за прв пат, ги обележувам овие делови, за веднаш да ми паднат во очи.“ Друг трик кој го користи Сузи е да ги запишува ликовите поединечно и да им даде некаков епитет кој произлегува од нивното однесување, за да знае каква енергија имаат, па следствено на тоа да им даде соодветен глас.

Емилија Фокс, актерка која снима аудио книги за Penguin Random House, на сличен начин ги користи боите – речениците ги подвлекува со различни бои во зависност од тоа за кој лик се работи, за да може веднаш реченицата да ја прочита со соодветниот глас или акцент.

Исто така, нараторите поминуваат низ цел процес на подготвување на книгата пред да започнат со снимање на аудио верзија – истражуваат, пребаруваат, се служат со лексикони, а ова особено во делот на непознати зборови кои ги среќаваат за прв пат, за да знаат како точно да ги изговорат. Во текот на снимањето, продуцентите неретко од нив бараат одредени реченици да ги прочитаат повторно, со поинаква дикција или изговор на конкретен збор.

Се чини дека снимањето аудио книги е потешка работа отколку што веројатно изгледа 🙂 А покрај толку преслушани книги, мојот впечаток е дека веројатно најдобрите аудио верзии доаѓаат од наратори кои биле и во улога на писатели, односно самите си ги напишале книгите кои ги читаат. Такви книги кои ги имам преслушано се Becoming чија аудио верзија ја читаше самата Мишел Обама и Someday, Someday, Maybe во која на дело се покажаа и наративните способности на актерката Лорен Грахам. Веројатно никој подобро не може да долови некоја книга од самиот оној кој ја напишал.

Би можело да ти се допадне и ова...