Како да добиете бесплатни книги пред нивното издавање

Добивање бесплатни книги? – Звучи супер. Добивање бесплатни книги пред тие да бидат издадени? – Звучи одлично!
Замислете, имате уникатна шанса да ја прочитате книгата пред таа официјално да биде издадена и да има можност да ја прочита целиот свет. Ајде малку да позборуваме околу тоа 🙂

Станува збор за т.н. ARC (Advance Reading Copy/Advanced Review Copy) кои се всушност бесплатни примероци на книги кои издавачките куќи ги испраќаат до книжевните критичари, читателите, па дури и познати личности, пред официјалниот датум на издавање на книгата. Причината е чисто маркетиншка, односно целта е да се информира јавноста уште пред една книга да биде објавена.
За оние кои користат Goodreads, можеби сте забележале дека уште пред најавениот датум за издавање, одреден наслов не само што можете да го најдете на сајтот, туку и можете да прочитате критики од читателите. Ако сте се прашувале како е возможно тоа, ете ви го одговорот 🙂

Гледано од моето искуство со LibraryThing, постапката оди отприлика вака – откако ќе се зачлените на сајтот, имате опција да аплицирате за книгите кои во моментот се доделуваат. За секоја книга има определен рок за аплицирање и одреден број примероци кои се доделуваат, а притоа можете да видите и колку читатели веќе аплицирале за истата. За жал, конкретно за Македонија изборот на книги е значително намален и ќе забележите дека на многу од книгите пишува “Not available for your country”, па за да не лутате, имате опција да ви даде листа само од книгите кои се достапни за читатели од Македонија. За секоја од книгите пишува кратка содржина, па ако некоја од книгите ви се допаѓа, можете да аплицирате со само еден клик, а доколку ве изберат, за тоа ќе ве известат на имејл. Дел од книгите кои ги доделуваат се во печатена форма, а оние кои не се, ќе ги забележите по тоа што под насловот пишува “This book is an eBook, not a physical book”. Книгите за кои јас аплицирав беа е-книги, па за кратко време откако ме известија дека сум избрана, ми стигнаа мејлови со линкови од каде можам да ги симнам книгите во определен рок.
Ако веќе еднаш сте добиле книга, не значи дека нема повторно да ве изберат, но добро е да вложите барем малку труд во пишување рецензија за дадената книга, бидејќи сепак, целта е токму тоа. Како што пишува и во самите инструкции на LibraryThing – не е целта само да ја фалите книгата, па дали повторно ќе ве изберат или не, нема да зависи од тоа дали на книгата сте ѝ дале позитивен или негативен коментар.

Покрај сајтот кој го споменав, постојат и многу други кои ја нудат истата можност. Секако, тука се GoodreadsGiveaways, AmazonFirstRead, BookLikes, NetGalley, PublishersWeekly и многу, многу други. Притоа, морам да нагласам дека некои од овие сајтови воопшто и не нудат бесплатни книги за читатели од Македонија, барем јас не сум сретнала, но има и такви каде можете да аплицирате, па и да добиете бесплатна книга 🙂 Ништо не ве чини да се обидете, потребни се само неколку кликови, а сепак убаво е чувството кога ќе добиете имејл кој почнува со: Congratulations. You’ve been selected to receive an Early Reviewers copy of… 😀

Би можело да ти се допадне и ова...