Читање книги на странски јазик

Една од многуте придобивки од читањето книги е тоа што може многу да ви помогне во учењето односно усовршувањето на странски јазик.
Повеќето читатели од повозрасните генерации немаат проблем да читаат книги на српски или хрватски, но забележувам дека и многу од младите не ретко читаат на некој од овие јазици. Иако никогаш не го учеле на училиште, но веројатно поради блискоста со македонскиот јазик, лесно се снаоѓаат при читањето.

Доколку изучувате друг странски јазик со кој сте немале допирни точки од претходно, читањето книги може многу да ви помогне не само во учењето нови зборови, туку и во конструирањето реченици. Секако, за да се осмелите на ваков чекор, потребно е да имате определено ниво на познавање на јазикот, а притоа да одберете книга со поедноставна содржина за која нема да имате голема тешкотија да ја разберете. Не очекувајте дека ќе го знаете секој збор, па затоа добро е да имате речник при рака со кој ќе се служите во текот на читањето. Имајте на ум дека треба да бидете трпеливи, затоа што нормално е читањето да ви оди малку побавно од вообичаено, барем на почетокот.

Се сеќавам дека на англиски јазик за прв пат почнав да читам пред повеќе од 6 години и ми се чини дека „Лолита“ од Набоков беше првата таква книга која ја прочитав откако го купив првиот Киндл. Денес 80% од книгите кои ги читам и слушам се на англиски, во голема мера поради фактот што изборот на книги е далеку поголем. До ден денес од буквално секоја книга учам по некој нов збор или фраза и можам да заклучам дека после толку прочитани и ислушани книги, англискиот ми е значително подобрен. Предноста на користењето електронски читач е тоа што на располагање имате вграден речник, па со едноставно кликање на непознатиот збор, ќе добиете дефиниција за истиот. Најчесто ваквите читачи имаат англиско-англиски речник, но имате опција да инсталирате каков речник сакате.

Доколку се решите да почнете да читате на некој друг странски јазик, моја препорака е да одберете книга која веќе сте ја прочитале на македонски. Ќе си речете – ама, веќе ја знам приказната. Но, токму тоа е причината 🙂 Тоа што веќе ги знаете настаните, ликовите и самата содржина, може да ви биде од голема корист. Кога веќе ја знаете книгата, ќе ви биде полесно да го препознаете значењето на непознатите зборови, па дури можеби и да не ви треба речник. Ако сте го гледале филмот The Terminal со Том Хенкс, сигурно се сеќавате дека тој почна да го учи англискиот преку читање исти списанија на различен јазик. Возможно е, и тоа не „само на филм“ 😉

Би можело да ти се допадне и ова...