Книги кои биле вратени во библиотека после неколку децении… или векови!
Иако веќе одамна немам позајмено книга од библиотека, се сеќавам на времето кога лектирите и делата што ги обработувавме во средно ги земав од таму, па брзав за да ги вратам во определениот рок, кој ми се чини беше една недела, бидејќи во спротивно ќе платев казна. Секогаш бев одговорна, никогаш немав задоцнето ниту еден ден, но се чини дека има читатели во светот кои „малку“ го пречекориле рокот за враќање на книгата 🙂
И не, не се работи за неколку месеци, ниту неколку години, туку децении! Така на пример, во 2014 година, во градската библиотека во Лоренс, Канзас, некој анонимно вратил готвач за здрави рецепти, кој во библиотеката недостасувал од 24 септември 1992 година. Да се надеваме дека во тие 21 година, кој и да ја позајмил имал доволно време да ги испроба сите рецепти од готвачот 😀
The real book about snakes во една библиотека во Охајо била вратена од анонимен читател, после 41 година. Чесниот читател во книгата оставил и порака која гласела: „Извинете што ја чував оваа книга толку долго, но јас сум навистина бавен читател! Ви испраќам пари за да си ја платам паричната казна од 299,30 долари (41 година, 2 центи на ден). Уште еднаш, извинете!“
Сепак, според Гинисовата книга на рекорди, казната од 345,14 американски долари е највисоката казна која некој читател ја платил во библиотека за задоцнето враќање на книга. Книгата Days and Deeds позајмена од една библиотека во Илиноис, била вратена после 41 година.
Градската библиотека во Њујорк жалела по еден од нејзините примероци од The Fire of Francis Xavier цели 55 години! Ова сигурно би предизвикало поголема казна од претходните случаи, но несовесниот читател никогаш не бил изведен пред лицето на правдата 🙂
Можете ли да замислите колку генерации деца биле лишени од „Авантурите на Пинокио“ во текот на 63 години? Толку време недостасувала оваа книга во библиотеката во Ворвик, Англија. Позајмена во 50-тите години, кога библиотеката изгледала сосема поинаку, книгата конечно била вратена после повеќе од половина век, а казната за ова „злодело“ би изнесувала повеќе од неверојатни 4000 фунти.
Во февруари оваа година, вработените во библиотеката Maryland’s Silver Spring ги пречекало вистинско изненадување кога добиле пратка од една читателка – илустрирано издание на книгата „Поштарот“… позајмена пред повеќе од 70 години! Во пратката имало и писмо, во кое читателката објаснила дека нејзиното семејство ја позајмило книгата во 1946 година, кога таа била дете. Откако семејството се преселило во Канада, книгата била спакувана и залутала меѓу останатите работи.
Разгледувајќи низ личните работи на нејзината покојна мајка, Харлеан Хофман пронашла ретко издание на романот „Сликата на Доријан Греј“, претпоставувајќи колку долго би можела да биде позајмена од библиотека. Таа решила да ги исправи работите и да ја врати книгата онаму каде што припаѓа. Иако стравувала дека можеби ќе ја казнат, дури и уапсат, персоналот во библиотеката бил многу љубезен и сите биле среќни што таа воопшто ја вратила книгата, макар и после 78 години.
Некогаш поминуваат толку многу години што библиотеките од кои се позајмени книгите, повеќе не постојат. Таков е случајот со книгата Master of Men чиј дом, The Leicester County библиотеката во Лестер, Англија, повеќе не постоела кога таа била вратена после 79 години. Сепак, оваа книга го нашла својот нов дом, во општинскиот совет во Лестер, каде била прифатена со големо воодушевување и третирана како парче книжевно наследство.
Facts I Ought to Know about the Government of My Country била совршената книга за една штотуку дојдена Полјакиња која се обидувала да ги спознае работите за САД. Позајмена во 1910 година, оваа книга била вратена во нејзината библиотека по дури 99 години од страна на нејзиниот син.
Мислите дека стигнавме до рекордот? – Ни одблиску 🙂
Insectivorous Plants од Чарлс Дарвин е книга која цели 122 години недостасувала во библиотека во Сиднеј, Австралија. Позајмена во 1889 година, конечно била вратена на 22 јули 2012 година.
Античката историја на Египќаните, Картагинците, Асиријанците, Вавилонците, Медијците и Персијците, Македонците и Грците од Чарлс Ролин била позјмена од библиотека во Данвил, Кентаки пред приближно 150 години. Во 2013 година, ова издание било откриено во училиштето за глуви, каде што веројатно се чувало од 1854 година, според последниот датум што стои во белешката напишана во неа. Библиотеката не поседувала записи од овој период, па не се знае точно колку време поминало, но според проценките на библиотекарот Стен Кембел, тоа било пред околу век и половина.
Пет месеци од неговиот прв претседателски мандат, Џорџ Вашингтон од библиотеката во Њујорк го позајмил писанието The Law of Nations и таа останала во неговиот дом во следните 221 година! Желбата на библиотекарот Марк Бартлет книгата да биде вратена конечно се исполнила во 2010 година, а казната за задоцнување на оваа книга би изнесувала околу 300.000 долари.