Кои жанрови на книги имаат најдобра заработувачка?

Во последно време бев во голема потрага по различни книги, нешто за себе, а нешто за подарок, па додека ги разгледував понудите на веб-сајтовите на нашите издавачки куќи, забележав дека речиси секоја има своја листа на најпродавани наслови. Секаде оваа листа содржеше наслови кои се релативно нови и актуелни, па последователно на тоа и моментално најпродавани, но имаше и такви кои се постари изданија, но очигледно уште ја држат својата популарност.
Иако продаваноста е во голема мера врзана за авторот, самата приказна, па и маркетингот, факт е дека удел тука има и самиот жанр. Па, ова ме натера да размислам – кои жанрови на книги се најпродавани?

И без да се впуштам во потрага по информации, мојата претпоставка беше дека најверојатно тоа се романсите. И бев во право 🙂
Во издавачката индустрија, романсите убедливо го држат пазарот со вредност од над 1,5 милијарди долари, за кои во голем дел заслужна е Даниела Стил. Американската писателка која со децении освојува читатели ширум светов, има продадено над 800 милиони примероци од нејзините книги! Друго име кое исто така е познато во овој жанр е Е.Л.Џејмс која само од трилогијата Педесет нијанси сиво, заработила 60 милиони долари.

По романсите, највисока заработка имаат крими романите и мистериите. Некои од популарните имиња со најпродадени романи се Џон Гришам чие творештво вреди 200 милиони долари и Стиг Ларсон кој од трилогијата Девојката со тетоважа на змеј заработил 50 милиони долари. Писателка која го положила тестот на времето, а чии книги сè уште држат добар дел од заработката на овие жанрови, поточно 100 милиони долари, е Агата Кристи.

Религиозните и книгите за самопомош се наоѓаат на третото место по заработка. Познато е дека Библијата е најпродаваната книга на сите времиња, преведена на најмногу јазици, па може да се каже дека со тоа придонесува овој жанр да избие повисоко на листата. Што се однесува до т.н. self-help книги, или книгите за самопомош – иако можеби многумина ги избегнуваат, сепак овој жанр стана особено популарен во последните години, а тоа можам да го забележам и кај нашите издавачки куќи.

Господарот на прстените е веројатно главниот виновник што книгите кои спаѓаат во фантазија и научна фантастика се меѓу петте најпродавани жанрови, а во ова придонесуваат и книгите кои се дел од серијалот Хари Потер и Хобитот. Иако се работи за релативно нов жанр, сепак продажбата на ваквите книги е двојно зголемена во последните 10 години со заработка од 590 милиони долари.

Трилерите и хорор книгите го држат петтото место на најпродаван жанр на книги, каде најголемото парче од колачот го има кој друг ако не единствениот Стивен Кинг 🙂 Неговите книги се продадени во над 350 милиони копии, а веднаш зад него се наоѓа американскиот писател Дин Кунц со заработка од 125 милиони долари.

Би можело да ти се допадне и ова...